Дневникот на Историчарот, 3

Сè уште сè е мирно. Денеска добивме слободно време од капетанот. Како и многу други, го искористив во Ловиштето. Ова беше прв пат да го посетам овој дел од бродот, и морам да кажам дека предците добро се потрудиле да симулираат еко-систем, парче од вистинската Кемерија. Беше ослободувачки да се брка пленот наместо да се чека тој да дојде по тебе.

Земјата изобилува со прекрасни ловишта. Високи дрвја од кои што може да се надгледува пленот, густа трева и мека почва која ги пригушува чекорите, и многу разновиден плен, од зајаците кои не беа никаков предизвик, до опасните предатори како волците, кои ловеа во глутници.

Луѓето, ако некогаш можеби биле вешти ловци, денеска ловат од спорт, како рекреација. Со текот на времето станале вид кој припитомува и одгледува животни. Во самиот чин на лов повеќе имаат набљудувачка улога: за пронаоѓање на пленот користат кучиња, а огнени оружја за убивање. За нив Ловот е нераскинлив од убивањето.

Во деловите населени од Луѓето животните се сосема безопасни. Првиот впечаток ми беше дека секаде е така, гледајќи ги Луѓето како врвни предатори. Но таквото гледиште ми се покажа како погрешно. Имав средби со животни кои, иако избегнуваат да напаѓаат Луѓе (и Кемеријани), се далеку посмртоносни во директна борба.

Првиот Лов на Земјата ми беше со мојот сега поранешен добар пријател Сами Тојвонен. Сами е пилот во финската флота, и беше присутен во гардата на церемонијата на Првиот Контакт. Многу љубопитен и пријатен човек. Нашето другарство многу должеше на неговата глува ќерка Илта, од која го научив јазикот со кој се служат луѓето со оштетен слух. Девојчето исклучително брзо го научи нашиот знаковен јазик, па освен што ми беше исклучително задоволство да можам да разговарам со некого во многу попријатни услови, Илта беше и мост помеѓу мене и татко ѝ.

Сами уживаше и во лов и во риболов. Најпрвин всушност ме одведе на риболов, спорт кој ми се виде непотребно комплициран и исклучително досаден. Рибите што ги ловат не се никаков предизвик, бидејќи дури и мојата закржлавена електросензитивност беше доволна ловот да го направи банален.

Сами, од друга страна, како и сите од неговиот вид, нема сетило кое би им помогнало на значаен начин во вода, и затоа кориси инструмент наречен „јадица“, на кој става мамец, и така ги брка рибите во стапица. Крајно неефикасен начин, но веројатно добар за Луѓето. Во секој случај, се сложивме и двајцата дека риболовот не е за мене. Сами дури мислам дека малку беше повреден бидејќи јас успеав да уловам преку триесет риби додека просто лежев во водата, додека тој се мачеше со една. И тогаш одлучи дека ловот на ирваси веројатно ќе ми лежи повеќе.

Ловот почнуваше рано изутрина, пред да излезе сонцето. Сами веќе ми ги беше соопштил деталите. Кога го прашав дали некако медитираат пред да започнат, тој само се насмеа со останатите и ми подаде лименка пиво. Некако ми изгледаше погрешно да пијам пред лов, но се решив да се обидам по нивните обичаи.

Другите обичаи беа всушност правила, и беа задолжителни. Мораше да се носи заштитен елек и ловечка капа во исклучителна јарка боја. Најпрвин секако не ми беше јасно зошто некој би се облекувал толку впечатливо за лов, но Сами ми објасни дека тоа е заштита да не се пукаат меѓу себе по грешка.

Ми дадоа и пушка, која не мислев да ја користам во никој случај, но ја прифатив од љубезност. Претходно бев пукал со неа, и за малку не оглувев. Луѓето не можат да ловат без пушка, што значеше дека морав да носам специјална заштита за ушите не само за овој, туку за секој нареден лов. Среќа техничарите беа направиле уреди за уши кои ги блокираат прегласните звуци кои ги имаше во изобилие на Земјата, инаку би требало да ловам на глуво.

Освен пушките, како што веќе реков, во лов користат и куќиња. Овие животни имаат исклучително сетило за мирис. Во текот на нивната еволуција, Луѓето им наметнале целосна покорност, па беа исклучително верни на своите газди, и исклучително лесни за тренирање. Така, еден дел од ловот беше да го пуштат кучето да издушка ирваси, да ги намами надвор од шумата со лаење, за да луѓето сместени на високи кули можат полесно да ги нанишанат и убијат. Техника всушност многу слична на риболовот.

Нашиот пристап, секако, би бил многу подиректен, и тоа сакав да им го демонстрирам. Времето беше облачно и студено, совршено за барање топлина. Од далечината на која што бев можев да видам топлински отисоци од повеќе животни во блиската шума, но бев предалеку за да распознам нешто конкретно. Бидејќи ми здодеа чекањето, го замолив Сами да ми дозволи да се обидам сам.

Останатите ловци пронегодувааа, плашејќи се да не им уништам сè, но Сами успеа да ги убеди. Изнудив неколку прашални погледи кога ја оставив пушката и само со нож се упатив кон дрвјата.

Полека, скоро четириножечки се движев низ пожолтената трева. Кога стигнав до првото дрво, се искачив на него за подобар поглед. Дрвјата се покажаа лесни за искачување.

Првото нешто што требаше да се стори беше секако разгледување на околината. Во дрвјата освен што од време навреме ќе се јавеа ситни птици, сè беше мирно. Десно долу, ловџиското куче си ја вршеше својата рутина за лов. Недалеку од него, лево, од грмушките се појави животното кое го барав.

Запаметувајќи ја неговата позиција, се спуштив на почвата. Полека се приближував до животното кое мирно пасеше пред мене. Таман кога успеав да се приближам на неколку чекора од него, ловџиското куче залаја по него.

До тогаш веќе знаев дека одредени гласови им пречат на кучиња, па просто му крекнав да се тргне од мене. Тоа едноставно престана да лае и збунето се упати во спротивна насока. Не сакав да го плашам вака, но овој плен беше мој.

Ирвасот во меѓувреме ја беше надминал почетната стаписаност и почна да бега. На почетокот од потерата се загрижив дека можеби е премногу брз за мене, но се покажа дека со малку напор можев да го следам. Наредната грижа ми беше да не го уловат другите ловци, па го бркав накај внатрешноста шумата.

Неколку минути подоцна, ирвасот се измори и ја промени својата стратегија. Се сврте кон мене, рикаше предупредувачки, ми ги покажуваше своите силни рогови. Од мускулните движења го почувствував моментот кога се фрли во напад. Го грабнав ножот во десната рака, и во моментот кога животното конечно се упати накај мене, просто скокнав на страна, и врз него, забивајќи му го ножот во вратот. Силен крик се пренесе низ шумата додека додека животното паѓаше на земјата. Морав уште неколку пати да го повторам бодењето, бидејќи, нормално, не знаев како поефикасно да го убијам. Чувствував огромна почит према пленот, но не постоеше друг начин да го завршам Ловот.

Назад во кампот мислењата беа поделена за она што го сторив. Сами и уште тројца негови блиски пријатели беа воодушевени од моите способности, и бараа од мене многупати да прераскажувам за подвигот. Никој од нив не беше уловил ирвас со голи раце.

Но, останатите повеќе изгледаа исплашени и ме избегнуваа во остатокот од денот Сами велеше на шега дека нивното его било нарушено, но подоцна сфатив дека Луѓето, иако самите способни на многу пострашни дела, убивањето со голи раце го сметаа за животински чин.

< Втор дел

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery