Каменот на преобразбата

Не можеше да верува дека е оволку лесно. Пред неа беше сефот кој требаше да го содржи најскапоцениот накит во целата земја. Накит, кој доколку му го предаде на својот клиент, ќе ја направи доволно богата да се повлече целосно од професијата на некое од јужните острови и мирно да си го проживее остатокот од животот.

Но каде е забавата во тоа?

Погледна во бравата. Обична, механичка. Заобиколувајќи го сефот, неможеше да забележи ниту било каква стапица. Сè беше совршено просто.

Дали стариот вештер имаше погрешни дослуси? Најверојатно не. Не би ѝ дал толкав аванс ако не е сигурен во во своите извори, без разлика на неговото богатство.

Дали можеби е местенка? И таа мисла ја отфрли. Да сакаше да ѝ направи непријатности, тоа би го сторил на многу по отворен и директен начин. Можеше и да ја убие на лице место во секое време.

Сепак, нешто смрдеше овде.

Додека ѝ се роеја слични мисли низ главата, нејзините алатки управувани од тенките извежбани прсти го вршеа танцот кој заврши со „клик“ и со конечно откривање на содржината на сефот.

Внатре, на црвено кадифено перниче лежеше најневпечатливиот талисман што некогаш го беше видела. Едноставно сиво парче железо на ланец.

Нешто дефинитивно смрдеше овде.

Појде да го земе, но уште на првиот допир беше одвратена од топлината. Да не ги носеше кожните ракавици, веројатно би си го испекла прстот. Вештерот сепак за нешто беше во право; нејзиниот плен беше необично врел. Ги извади од торбата специјалните ракавици кои ѝ беа дадени, и со нив на рацете, сега многу попретпазливо, повторно го повтори движењето. Ракавиците вршеа работа. Со другата рака го отвораше специјалниот сад во кој требаше да го пренесе талисманот, кога метафоричката смрдеа од пред малку се отелотвори во многу реална реа.

Сулфур.

Одеднаш стана свесна дека се наоѓа во камена просторија без прозорци. Со само еден излез, односно вратата од каде што беше влегла. Остро опцу, притајувајќи се со грб кон ѕидот.

Пиромансер. Проклетникот не беше спомнал никаков пиромансер. Уште еднаш опцу, овој пат и вештерот, и боговите, и нејзината судбина. Реата од сулфурот добиваше на интензитет. Сега беше придружена од звукот на бесно дишење.

Ги бркаше пцовките и клетвите од главата за да се сети за сè што знае за овие изроди. Сосема без сетила, водени само од бескраен бес и болка, единствениот начин за нивно скротување беше, логично, со вода. Но освен ако не планираше да се измоча врз него, оцој податок беше сосема бескорисен.

И тоа беше проблем, бидејќи пракса ѝ беше да се олесни пред работа.

Опцу уште еднаш, овој пат пострашно и на глас.

Веќе на реата и на гневниот шум се додаваше и топлината. Се чувствуваше и одвратно слатката миризба на печено месо. Ѝ избиваше пот на лицето, и уште посилно се припи со грбот до ѕидот, цврсто стискајќи го пленот во рака.

И тогаш, пред неа се појави изродот во целата негова величественост.

Беше видела пиромансери и порано, но никогаш еден на чекор од неа. Изродот беше за глава повисок, покриен со лигави рожести плочки, прошарани со отвори од кои се гледаше месото, испечено од малите пламени кои со секое издишување проигруваа надвор. Знаеше дека тие пламени во секој момент можат да букнат и да ја претворат во пепел.

Но можеби најстрашното од сè беа неговите очи. Празни, слепи, но сепак успешни во прикажувањето на хоророт кој секој момент го проживува она малку свест зад нив. Хоророт на постоењето во постојан оган.

Ѝ дојде налет на повраќаница која инстинктивно ја голтна, и сега ѝ го гореше грлото. Ѝ беше лошо и од глетката пред неа, и од сознанието дека изродот беше подготвен да ја сподели неговата мака. Но мораше да мисли.

Решението не дојде од разумот. Напипа раб на талисманот. Набрзина го фати со двете раце и го отвори, насочувајќи го кон пиромансерот.

Смарагдна топлина ја обли целата просторија. Не беше тоа топлина од оган; таа како да извираше од неа, без разлика што очите ѝ кажуваа инаку. Страшен крик испушти изродот кој падна на колена и почна да крвави од сите процепи на неговото тело.

Сега и самата беше на колена, конечно предавајќи ѝ се на мачнината. Додека состојките на нејзиниот стомак го напуштаа нејзиното тело, некако сè уште успеваше да го држи талисманот насочен кон изродот. Тој нагло престана да вреска додека таа го исплукуваше киселиот вкус од устата.

Кога зема воздух и подигна погледот, го виде изгаснатиот изрод скоро целосно покриен од неговата крв. Реата беше неподнослива, и мачнината повторно ѝ играше во грлото, но дишејќи длабоко, некако успеа да се соземе. Вресокот би ги разбудил и мртвите, мораше да бега. Го затвори проклетиот талисман, го стави во кутијата, и замина назад во темнината од која што дојде, не погледнувајќи назад.

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery