Дневникот на Историчарот, 2

Смената помина мирно. Оние оптимистите меѓу нас велат дека луѓето ги потрошиле своите ресурси во првиот налет, и сега ќе им треба време да се реорганизираат. Јас морав да потсетам дека тие имаат цела планета на располагање, како и нуклеарно вооружување, кое за наша среќа уште се воздржуваа да го искористат.
Од друга страна, нашите ресурси се при крај. Сега за сега, успеавме да се оддалечиме од Земјата, да земеме малку здив скриени зад Месечината. Но колку време ќе трае овој „мир“ и дали можеме да издржиме уште еден налет, никој не знае.


Барем имам време да се навратам на мојата приказна.

Целата церемонија наречена „Прв Контакт“, по првите моменти на возбуда, се претвори во непотребно издолжен и измачувачки настан. Иако и двете раси сме склони на церемонии, оваа беше трома поради многуте бариери кои мораше да ги поминеме, и многуте отстапки кои требаше да ги правиме.

Освен што климата, светлината и атмосферата беа погрешни, јазикот се покажа како многу поголема бариера. Нашите лингвисти успеаја да го декодираат нивниот стандарден јазик (подоцна, т.е. веднаш, увидовме колку е многу наивно да мислиме дека цела планета зборува само еден јазик), но самиот начин на комуникација кај нив е многу поразличен; иако се служат со гестикулации, ни од блиску не во таа мера колку нас. Ако кај нас тоа е интегрален дел од јазикот, Луѓето гестикулираат само кога потенцираат нешто.

Понатаму, зборуваат гласно, поради ограничувањата на нивниот говорен апарат. Добар дел од гласовите кои ние ги изговараме неможат да ги чујат. Затоа моравме да викаме за време на целата церемонија, бидејќи во почетокот немавме начин на засилување на нашиот глас во оделата. Ова не беше ни малку пријатно.
Многу подоцна, научив дека имаат посебен јазик за комуникација со глуви лица. Откако се поминат културните бариери, ваквиот начин на комуникација е мошне пријатен.

Мачно беше и да се гледа колку внимателни беа да не згрешат нешто во протоколот. Имаа страв дека ќе им се одмаздиме ако некако случајно не навреда, уште една рефлексија на нивната долга историја на недоразбирања и истребувања кои следеле од нив. Ние, секако, бевме свесни дека немаа начин да ги знаат сите наши обичаи. Со сето ова речено, иронично е што за нив најобичната работа за нас беше вистински кошмар.

Зборувам за проклетите „блицеви“. Да се каже дека луѓето се опседнати со снимање и фотографирање би било исто како да се каже дека Ловот ни е хоби. Целата култура им се врти околу сликање на сè што постои. Камерите беа неинванзивни, но фотоапаратите беа сосема друга работа. Откако поминаа првите моментни за сеопшта вџашеност, од околната публика почнаа да блескаат милион такви уреди, отсекаде. „Блицевите“ сериозно би ни наштетиле на нашите и онака напнати очи ако не носевме очила. Првото нешто што замоливме откако поминаа уводните поздравувања беше да се престане со сликањето, нешто што амбасадорот на Луѓето и генералот на армијата со голема брзина и ентузијазам го пренесоа заповеднички на толпата. За жал, преку мегафон, но барем престанаа светкањата. Истата ноќ донесоа глобален закон со кој сликањето Кемеријани се прогласи за злосторство против човештвото, за што бевме неизмерно благодарни.

Деновиве слушаме дека Земјината Армија светкањата ги користи како тактика против нас.

И така, викајќи и низ серија несмасни обиди на зборување Англиски, цело време снимани од телевизиски камери, некако успеавме да ја доведеме церемонијата до крај. Потоа преминавме на приемната вечера, искуство кое беше далеку попријатно.

Кратко време сè уште се чувствуваше нелагодност кај нас и кај нашите домаќини, но кога не послужија со нивната храна, почнаа некако да се нормализираат работите. Како самиот акт на јадење да се претвори во мост, нешто заедничко за двете раси, и наскоро и неофицијалниот разговор се сврте на таа тема. На наше големо задоволство, најголемиот дел од храната на Луѓето или беше компатибилна со нашиот дигестивен систем, или бараше кратко навикнување. Исклучок беше, секако, алкохолот. Конзумацијата и производството на алкохолни пијалаци беше нешто што луѓето го довеле до перфекција, дури можеше да се види како посебна уметност, дете на кулинарството.

Знаеме колку е отровен алкохолот. И затоа многу не сме се занимавале со него, освен за очигледната намена. Но Луѓето имаат далеку поголема толеранција на овој отров, и како резултат на тоа и имаат толку многу деривати и традиција поврзани со него.

Појаките пиења сè уште беа отровни за нас, но „пивото“ нашите доктори го оценија како безбедно за конзумација. Официјалните лица пробаа само голтка од љубопитност, за да избегнат непотребна сцена, но бидејќи јас веќе не бев на должност, си дозволив да испијам една чаша од овој напиток. И морам да кажам дека поинтересно нешто немам вкусено во животот. Горко-слаткиот вкус, помешан со јаглеродниот диоксид кој пецкаше на јазикот и грлото таман го прикриваше отровниот вкус на алкохолот, таман колку да му даде шмек на нешто Син-Малар.

Чашата за малку да ми беше премногу. Побарав од домаќините дозвола да ја напуштам салата за момент. Еден ме прашаа дали ми треба тоалет, на што не знаев како да одговорам, но претпоставив дека знае што ми се случува и најверојатно тоа што го нуди е тоа што ми треба. И појдов во негова придружба кон „тоалетот“.

И научив што е тоалет, таа неверојатно светла просторија. Побарав да го исклучат светлото. Темнината дојде како олеснување, и тогаш, за прв пат, обземен од сигурноста која дојде со неа и чудната тишина која одеднаш завладеа, а секако и благата пијаност, се осмелив да ги соблечам ракавиците и маската. Се погледнав во огледалото. Зад мене навидум мирно стоеше мојот домаќин, но јасно можев да ја почувствувам неговата напнатост.

Почувствував желба да се исплакнам со вода. Од шумот во ѕидовите заклучив дека вода течеше некаде во нив, и најверојатно требаше да истече од цефката под огледалото. Само требаше да сфатам како се пушта, и со олеснување открив дека станива збор за сензор.

Ги вратив очилата назад, без маската, сега малку навикнат од електричниот шум. Кажав дека може да се вклучи светилката. Во тој момент мојот домаќин видно се штрекна, сигурно како резултат на тоа што за прв пат беше видел немаскиран вонземјанин, но брзо успеа да си ја врати надворешната смиреност.

На патот назад забележав врата која водеше кон балкон, па се упатив натаму. Домаќинот појде со мене, во молк, и можеби страв. Му гестикулирав да не се плаши, што веројатно нему ништо не му значеше.

Надвор Месечината беше блед срп на праскозорното небо, кое сè уште беше светло, но ја беше изгубило виолетовата боја. Хелсинки, градот кај што слетавме, беше еден од потивките и почистите на планетата. Но Луѓето дури и во ноќните часови не престануваа со активност. Освен нив, чувствував и движења на ситни животни во воздухот, најверојатно птици. На нив им ги препишав чудните песни кои излегуваа од дрвјата.

Одеднаш слушнав високо-фреквентен звук. Си помислив на ноќно животно, ловец, и понесен од желбата да остварам контакт со нешто малку попознато на ова чудна планета, се обидов да го повикам имитирајќи. На првиот обид се сепнав, одеднаш свесен дека на човекот зад мене можеби нема да му се допаѓа ова. Но тој едноставно стоеше со истиот немир како претходно. Секако, не ги слуша овие фреквенции. Окуражен, го повторив повикот, и на моја радост суштеството долета на гранката пред мене. Беше збунето, разбирливо, бидејќи не сум од неговиот вид, но сепак доволно пријателски расположено да ми долета на дланка на наредниот повик. Не можам да кажам дека беше убаво, сигурно беше слепо, но сепак почувствував длабока фасцинација и фамилијарност со ова нешто за кое подоцна научив дека се вика лилјак. Го пуштив пак да одлета, и се свртев за да го затечам мојот домаќин видно повознемирен. Не можев да сфатам зошто беше така, и само мирно се вратив на вечерата.

И тука би завршил со мојата приказна за денес, бидејќи полека ме обзема сонот.

< Прв дел

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery