Околу Џ.Џ. Абрамс и Стар Трек

Во општ недостиг на идеи, Холивуд во последните години се заврте кон „возобнување“ на класиците. Ова и не е лоша идеја, треба да се доближат некои филмови и кон помладата популација, но она што многу често недостасува е квалитет.

Стар Трек за жал не беше одминат од овој тренд. После фијаското со име „Ентерпрајз“, многу фанови како мене го делеа мислењето дека веќе Стар Трек треба, колку-толку достоинствено да си замине во пензија.

Кирк, со една од првите Нокии на пазарот

„Ентерпрајз“ и не беше така лоша серија, според мене всушност дното беше достигнато со бледиот, безличен, и ужасно напишан „Војаџер“. Но, „Ентерпрајз“ покажа дека во Стар Трек универзумот едноставно веќе нема што да се каже, па мораа да се преиначат многу работи од основниот lore за оваа серија да проработи. Сѐ ќе беше и одлично да не завршеше така како што заврши.

Да беше тука крајот, трагедијата ќе беше помала. Но, Џ.Џ. Абрамс влезе на сцена, и покажа еден добро украсен среден прст (да не се изразам инаку) кон сите нас што ги гледале и Кирк, и Пикард, и Циско, и Кетрин, па и Арчер, во текот на целиот наш живот, и кои и ден-денес со радост се сеќаваме на сите нивни авантури.

Филмот од 2009 само еднаш сум го гледал, и сакав уште еднаш да го гледам пред да пишувам било што, ама неможам пак да се изложувам на тоа. Ни кога седнав да го гледам, не очекував ништо од филмот, така да моето видување за него не е искривено заради преголеми очекувања. И од самиот почеток сфатив дека од Стар Трек каков што го знаеме ништо нема да остане.

Црвена Материја, илјада пати поопасна од Темна, десет илјади поопасна од Зелена.

Прво, на Киркму ѕвони „Нокиа“. Компјутерите им се заштитени од Нортон и Циско. Нокиа денеска неможе да се собере, а Нортон и онака никој не го користи. Сега кога ќе размислам, чудно како не користат Бинг мапи на Ентерпрајз. Можеби во наредниот филм? Нејсе, не е дека ги мразам компаниите, но што бараат компании во (про-комунистичкиот)  светот на Стар Трек? И на крај, зар не треба филмот да е 7-ма уметност, или нешто слично, а не билборд?

Ок, занемарувам реклами, светот и така оди во правец да стави реклама на сѐ, треба да се навикнеме на тоа, можеби. Што останува друго од филмот. Приказна? Неа скоро ја нема. Кирк е badass кој ќе ја спаси галаксијата од луд Ромуланец кој со години чека да фрли црвена материја во црна дупка. Што е црвена материја? Кој ти знае, нешто што Абрамс сметало дека е кул, како криптонит кај Супермен. Арно ама, Супермен =/= Стар Трек.

Ако им е, кога се арогантни безчуствителни копилиња.

Не е само Абрамс, цел тим го правел овој филм, тој ми е само омилен. Но, фасцинантно е што никој во тимот не знае што е Стар Трек. Не станува збор за каубојци со лош англиски акцент во брод кои се движат низ експлозии,  и се обидуваат да спасат сѐ пред себе пуштајќи се наоколу фино да експлодира додека ние се насладуваме на чудесата на модерната технологија која ги прави специјалните ефекти толку забавни и веродостојни. Специјалните ефекти се супер работа, не ме сфаќајте погрешно. Ама само кога помагаат на приказната, или во вилмовите како Battleship, за кој неодамна пишував, во кои приказната не е во преден план.

Стар Трек никогаш не е бил акција. Да, имало акција, два филма пред овој ги гледавме Пикард и компанијата како се тепаат со батаљон боргови, но дали ја паметите сцената кога капетанот се поистовети со капетан Ахаб? Такви моменти на само-преиспитување, на вагањето целите и последиците од нивното постигнување, е она што ја прави франшизата тоа што е. Стар Трек е вселенска опера во која преку технолошкиот развој, преку културата на Федерацијата, а на крај и преку вонземјаните всушност се огледува човечкиот род, во која можеме да видиме што сме постигнале, што можеме да постигниме, но и каде сме грешиле, и поважно, каде можеме да грешиме. Стар Трек е една визија на Роденбери, свет во кој обединетото човештвото со други вонземјани работи заедно за подобар живот на сите, под закрила на идеалите на Федерацијата.

Една од дефинитвно најмоќните сцени во Стар Трек

Абрамс сето ова го поистоветува со ромуланец кој седи на црна дупка, си игра со црвена материја и со години кове планови како да го уништи Вулкан. Како Матли кога фрла банани за автомобилите зад него да не го престигнат.

Стар Трек живееше скоро половина век, и во тоа време горе-доле целиот универзум е веќе исцрпен. Треба да му се даде еден достоинствен погреб. па и Роденбери да може да почива во мир, да не гледа што му прават со делото. Филмот од 2009 и да не е поврзан со Стар Трек би бил смешен филм, сигурно и би пропаднал да не го носи тоа име. Нејсе, сега не чека продолжение. Силувањето на франшизата продолжува.

П.С. Ако навистина користат Бинг мапи, јас прв го спомнав ова. МОЕ.

Comments

  1. Здраво Марко,
    супер блог и супер пост.
    Некако ме предизвика да напишам коментар, како сај-фај и СтарТрек фан. Едноставно не можам да се сложам со ставот „нека почива во мир“. Според мене, духот на едно дело, живее со негово прегледување, пречитување, прераскажување и дискутирање за него. И секоја визија и верзија на секој фан е добредојдена. Зошто? Зашто овој СтарТрек е одраз на ова време на визуелни ефекти и одраз на визијата на ЏејЏеј за СтарТрек. Признавам, катастрофа во очите на фановите на серијалот. Јас искрено, можам да ги прераскажам сите претходни филмови, овој не се сеќавам за што беше. Но, да ја тргнеме настрана комерцијалната вредност на франшизата.
    StarTrek The Next Generation е креирана 21 година после оригиналната серија, а Deep Space Nine, Voyager и Enterprise не се на Роденбери, туку се базираат на оригиналната идеја на Роденбери. Да не беа фановите и визионерите немаше да ги имаме ни тие серии, а оригиналниот СтарТрек ќе останеше во сеќавање на некои минати генерации и за уживање само на окорелите фанови. И колку да не се блиску до вредноста на оригиналот, сепак се серии со значителна вредност и само дополнително ја зголемуваат вредноста на нивните претходници. Јас само се надевам дека новите филмови ќе привлечат нова генерација на СтарТрек фанови, дека 100тици од нив ќе се обидат да ги најдат и прегледаат оригиналите и ако бар 10 мина од нив да станат „окорели фанови“ СтарТрек нема да остане закопана во минатото. Искрени фанови кои даваат и негативни критики според мене се и добредојдени за развитокот на франшизата и добредојдени за растење на вредноста на оригиналнот.

    ReplyDelete
  2. Најпрвин, фала за коментарот!

    Стар Трек одсекогаш помесувал граници. Жена на таква позииција како Ухура било невидено дотогаш на телевизија. Па уште и црна... Понатаму, азијат како навигатор, вонземјанин како подофицер. Па бакнежот меѓу Ухура и Кирк кој бил шокантен за целиот свет. Сето ова денес ни е најобично, и филмови/серии што се фокусираат на тоа се најчесто смешни. Никој нема проблем со бои и жени команданти. Можеби со геј популацијата, но и тука Deep Space Nine постави milestone со бакнежот меѓу Џадзија и Ленара. А и геј капетан би изгледало тотално на сила. Се разбира, се разгледувале и многу други теми во сличен контекст, но да не набројувам сега.

    Она што денеска е тренд во целото НФ, па и во чистата фантастика, се темите поврзани со расизмот, ксенофобијата, технофобијата, заговорите, и воопшто мрачната страна на сѐ околу нас. Повторно, DS9 веќе ја истражи таа територија. Баш затоа иако одлична серија, можеби не беше добра Стар Трек серија.

    И токму тоа (меѓу другото) е проблем. Како да се вметне мрак во Стар Трек, без да се уништи сѐ што Стар Трек претставува. Тоа сметам дека Џ.Џ. Абрамс нема способност да го направи, а не се ни труди, наредниот филм ќе се вика Into Darkness...

    ReplyDelete
  3. За сето ова се сложувам наполно.
    Мислам дека е недостаток од визија или верба за иднината. Иднина во СФ во последно време ја гледаме во технички и технолошки пронајдоци, не социо-економски промени. Ако си приметил, последниве години филмовите последните години се однесуваат на апокалипсата или пост-апокалипсата и скоро секогаш се мрачни. Тука мислам дека Џеј Џеј потфрлува со темата. Место критично да се осврни на сегашноста, се вклучува во истиот досаден свет на СФ-от на денешницата.
    Сепак ова нема да ме спречи да го гледам филмот, нити секој нареден, чисто да ја видам идејата на режисерот, па после да одлучам дали вреди филмот или не.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Треба свеж воздух во СФ, дефинитивно. Тешко дека од Абрамс ќе дојде такво нешто, но дефинитвно ќе го гледам филмот, ако ништо друго, од морбидна фасцинација.

      Delete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery