Posts

Showing posts from January, 2015

Дневникот на Историчарот, 1

Со овие текстови го кршам првото правило на мојата Гилда, кое вели дека „Историјата мора да биде пренесена објективно, таа не трпи трансформации, мислења и толкувања на Историчарот.“ Така било уште од Првиот, оној кој го запишал Првиот Лов, низ долгите милениуми, па сè до денес. Дури и случувањата за време на Големата Миграција, за кои лаик би кажал дека се мит, сè земаат без поговор за вистинити во Гилдата. И никогаш внатре неа не се дискутира за нив. Но, ова се, чинам, различни времиња. Овде ќе се обидам да дадам мое мислење за тоа што се случува, и што се случуваше минатите 10 години. Нешто што е табу во моите кругови, но за што се надевам дека на крај ќе ми простат. Целта ми е некако да придонесам никогаш да не се повтори ова што денес се случува. Гледам низ прозорецот на мојата кабина, сместена на она што Земјаните инсистираат да го нарекуваат „матичен брод“, додека кај нас е само „брод“. За среќа, или за жал, не знаат дека тоа ни е единствениот. Пејсажот пред мене е тешко