Дневникот на Историчарот, 4

Го гледам Земјиното летало, класа Стрибог, како умешно ги избегнува нашите обиди да го уништиме.

Овие летала, првенствено наменети за летови до орбита и назад, не се опремени со никакво оружје, но затоа се неверојатно лесни за маневрирање благодарение на спојот од достигнувањата во материјалите кај луѓето и нашиот погонски систем.

Ова летало е првиот резултат на соработката која требаше вечно да трае помеѓу двата вида. Непресушниот ентузијазам на Земјаните за истражување на вселената се прелеа на добар дел од нас. И така почна заедничката мисија за колонизација на Сончевиот Систем.

Луѓето се фасцинирани од летањето. Се чини дека целиот вид ѝ зема за зло на природата што не им дала крилја. Низ долги милениуми се обидувале на секакви начини да се вивнат во небесата, за да пред само стотина години конечно да го изградат првиот авион. Оттогаш наваму нивниот прогрес е навистина фасцинантен. Конечното стекнување на можност за летање додало сосема нов живот во нивниот развој.

Од тој поглед, многу разбирливо е што прво нешто што побараа од нас е да ги научиме како да летаат поефикасно и полесно. Сето знаење, се разбира, го споделивме без поговор. Ние сме вид врзан за почвата. Висината, освен повременото качување по дрвја за време лов, најчесто ја избегнуваме. Патувањето низ вселената во едно време било неопходно за нашиот вид да остане во живот, инаку веројатно никогаш не би ја напуштиле старата Кемерија. На многу Луѓе, кои повлекуваа погрешни паралели помеѓу нашите два вида, им беше сомнително како тоа толку многу време имаме способност за меѓупланетарни патувања, а не сме распространети насекаде по вселената.

Она што не го знаеја, секако, од тактички причини, беше дека овој брод ни е единствениот, друг не сме изградиле, ниту пак сме планирале да изградиме. Многу малку знаеја и за Семерите, а и уште помалку за случувањата за време Миграцијата, за кои ниту меѓу нас не ни е удобна дискусијата. Ја знаеја само основната вистина, дека не сме склони на ширење истражување во иста мера како нив.

Дури и Сами беше сомничав дека немаме некоја галактичка империја од друга страна на портата. Ниту кога ја посети Кемерија не беше убеден дека не гледа само еден дел од огромна целина.

Така, иако многу од нас беа вистински понесени од истражувачкиот нагон, Луѓето и натаму сметаа дека ние само се преправаме дека учиме паралелно, дека всушност заземаме улога на учител. Не помагаше ни фактот што дојдовме на вака голем брод. Многумина беа лути што едноставно не ги понесеме со нас на пат низ вселената, одбивајќи да сфатат дека овој брод не е граден за кратки патувања, туку само за едно, долго. Семерите беа тие кои го одржуваа во последните милениуми, инаку не би го имале ниту него. Но Луѓето тешко прифаќаат факти, карактеристика многу чудна за еден интелигентен вид.

Нашиот голем заеднички план за колонизација и истражување почнуваше со градење флота од вакви лесни бродови, која ќе помогне во изградбата на вселенско пристаниште. Оваа фаза беше завршена во рекорден рок, и за три години Вселена 1, сентиментално наречена „Единство“, беше отворена.

По Првиот Контакт, ова беше вториот најважен момент во историјата на Луѓето. Овој пат, и ние целосно го делевме тој ентузијазам. Огромната конструкција беше и за нас големо достигнување, симбол на бегање од стигмите здобиени многу одамна. Светол момент со кој требаше да почне заедничкото ширење низ вселената.

Штета што станицата прва страдаше во овој конфликт, откако, разбирливо, нашите стратези ја беа обележиле како цел од висок ризик. Мала утеха е што барем нешто убаво излезе од неа; зборувам секако за колонијата на блиската планета, наречена Марс. Немам информации што е со неа, но изгледа се држи понастрана од конфликтот.

За момент бев оттргнат од мојата приказна привлечен од умешноста и храброста на пилотот на земјиното летало кој уште успеваше да ги избегне нашите напади. Очигледно беше на некаква разузнавачка мисија, веројатно собира отчитувања од нашиот брод. За каква цел, нас не нѐ интересираше, и се надевавме дека нема да дознаеме. За нас беше важно да го сопреме.

И сега слушам како се издава наредба за полетување на нашите пресретнувачи. Термин позајмен од Луѓето, а стануваше збор за летала многу слични по карактеристики на Стрибог, само импровизирано опремени со оружје.

И така почна бркотницата која веќе не можам да ја следам од мојата позиција. Читајќи што досега имам кажано, забележувам како сентименталноста преовладува во ова мое излагање. Но, тешко е да не се биде сентиментален кога си сведок на една пасија доволно голема за да може да се прелее на битија сосема различни од тебе. Знаев дека пилотот на земјиното летало и покрај големата опасност во која се наоѓаше несомнено уживаше во слободата која само вселената можеше да му ја пружи. Јас ја имав среќата Сами да ми ја пренесе пасијата директно од прва рака. И знаев многу добро како е да се движиш во бескрајниот мрак, слободен од сите стеги, било физички, било оние врежани во умот со помош на илјадници години стари приказни прераскажувани од колено на колено.

И ме тера на мисла, дали е сѐ изгубено? Дали тоа што го научивме изминатава деценија е за џабе, и ќе го снема веднаш штом ќе заврши овој глупав конфликт? Дали ќе се вратиме на Кемерија и ќе премолчиме за убавината на вселенското патување со цел никогаш веќе да не се најдеме во ваква ситуација? Дали така ќе заврши нашето кратко бегање од стегите на минатото?

Знам дека веројатно е шокантно еден историчар да зборува за напуштање на минатото, но можеби е време да престанеме да гледаме на нашите грешки како недостатоци и граници кои мора да се ги поставиме. Да, нашиот прв обид за колонизација завршил катастрофално за Здрахтите. Но зар „не мешањето“ кое го измисливме како превенција не кулминираше во, ќе се дрзнам да речам, кукавичкиот потег на бегање и оставање милијарда луѓе зад себе? И можеби Миграцијата е најстрашниот период, но дали треба да го земеме како апсолут, како единствен начин на кој може да се одвива истражувањето на вселената?

Гледајќи во историјата на луѓето, кај нив се случува целосно спротивното. Ние учиме од историјата и земаме екстремни мерки во спротивна насока. Тие пак, иако ја учат, ништо никогаш не учат од неа. И тврдоглаво ја повторуваат, како и сега.

Затоа, кој и да го чита ова, било Кемер или Човек, или, Семер, Андроид, ВИ, што и да е, би сакал да разгледа можност дека и двете врсти сме во грешка; историјата не треба да се зема како апсолут. Историјата не е единствениот начин на кој можат да се одвиваат работите. Ние Кемерите не смееме да кажеме „се обидовме да оствариме контакт со друга врста, се обидовме да летаме со нив, ни донесе само болка, подобро да не сторевме ништо“. Бидејќи не е точно дека ни донесе само болка. Бидејќи освен болка, јас ќе си ја носам уште желбата за летање со мене. Како што знам дека ќе е случајот и со многу други И секогаш ќе сум за тоа дека треба да се обидуваме дур не успееме, притоа учејќи на грешките. Зарем тоа не го прават и нашите деца, и тоа зборувам за двете врсти? Зошто не би можеле и нашите видови да пораснат на истиот начин?

Ова не смее да биде крај. Како Историчар давам збор дека назад на Кемерија ќе се залагам силно за тоа дека нашите два вида не ги поминале сите можни патишта заедно. Дека иако сега скарани, постои можност за помирување.

Дојде информација дека пилотот успеал да избега на Земјата. Ми олесна малку, бидејќи неможев а да не го замислувам Сами внатре. Но олеснувањето беше горко, бидејќи што и да му беше мисијата, таа беше успешна. И во наредниот период треба да се подготвуваме за тоа што го планираа Луѓето.

< Трет дел

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery