Дневникот на Историчарот, 1

Со овие текстови го кршам првото правило на мојата Гилда, кое вели дека „Историјата мора да биде пренесена објективно, таа не трпи трансформации, мислења и толкувања на Историчарот.“ Така било уште од Првиот, оној кој го запишал Првиот Лов, низ долгите милениуми, па сè до денес.

Дури и случувањата за време на Големата Миграција, за кои лаик би кажал дека се мит, сè земаат без поговор за вистинити во Гилдата. И никогаш внатре неа не се дискутира за нив.

Но, ова се, чинам, различни времиња. Овде ќе се обидам да дадам мое мислење за тоа што се случува, и што се случуваше минатите 10 години. Нешто што е табу во моите кругови, но за што се надевам дека на крај ќе ми простат. Целта ми е некако да придонесам никогаш да не се повтори ова што денес се случува.

Гледам низ прозорецот на мојата кабина, сместена на она што Земјаните инсистираат да го нарекуваат „матичен брод“, додека кај нас е само „брод“. За среќа, или за жал, не знаат дека тоа ни е единствениот. Пејсажот пред мене е тешко да се опише со зборови, посебно за некој кој не обучен за такво нешто; пред мене е сфера која се прелева во длабоко-сина прошарана зелено-кафеави појаси онаму каде е ноќ и самрак, и експлодира во сјајно-виолетова на страната целосно осветлена од Сонцето. Сето ова крунисано со брилијантниот аурорален венец, од чиј вел полека изгреваше бледо-синиот сопатник наречен просто „Месечина“.

Никогаш нема да заборавам кога првпат ја здогледав Земјата. Идејата дека пред мене стои свет полн со живот, многу различен од оној на кој сум навикнат, беше толку возбудлива, што морав да влезам во медитативен транс денот пред конечно да се спуштиме за да се осигурам дека ќе можам да си ја вршам работата како што треба. И тоа малку ми заврши работа, бидејќи кога излегов од трансот, уште бев видно возбуден.

Набргу таа возбуда ми се претвори во анксиозност. Од истражувањата кои ги имавме направено претходно, сфативме дека престојот на ова планета нема да ни биде пријатен. Луѓето се претежно дневни битија, што значеше дека поголемиот дел од престојот ќе мора да го поминуваме во заштитно одело. Згора на тоа, користеа електрична енергија. Насекаде. Буквално целата технологија им се засноваше на електрични импулси. Заклучивме дека станува збор за организми целосно без сетило за електрично поле. Ова значеше дека скоро целиот свет ќе мора цело време да го доживееме преку филтри и разни заштити. Дури ни видот не можеме да го користиме без посредник; нивното сонце беше премногу светло и топло за нашите очи. Големо беше разочарувањето кај мене кога сфатив што сè треба да облечам за да се бидам безбеден долу.

И така, облечени во целосно одело, припиено до кожа, направено да блокира огромен дел од ЕМ спектарот, со очила за сонце, покриени и изолирани уши, стапнавме на планетата на оваа нова планета. Јас бев втор во поворката, како што доликува на претставник на Гилдата, веднаш зад амбасадорот Карам-ел. Околу нас беше почесната гарда, само невооружена. Од истражувањата кои Гилдата ги имаше направено, Луѓето беа неверојатно воинствени и агресивни, па дури и церемонијалните оружја беа изоставени во страв дека би предизвикале немир и непотребен конфликт. Очекувано, другата страна беше вооружена до заби, а знамето на Земјините Армиски Единици се вееше заедно со она на Земјината Федерација. На Луѓето како вид им беше од исклучителна важност да ја покажуваат својата сила, и тоа не само како група. Од нашите ксенолози подоцна имам читано за тоа дека меѓусебна доминација си искажувале секогаш со сила, уште од раните мугри на видот. Имено, за да стигнат до овде, требало да истребат најмалку три други интелигентни видови, а подоцна и да се убиваат меѓусебно на база на посилна религија/војска/идеологија. Концепти кои нам не ни се многу јасни или битни, на моменти кои ни се и дури смешни, овде играле и играат важна улога.

Од друга страна, на многу од Луѓето концептите за Ловот и за Малар-Сун им се примитивни и објект за потсмев. Но, љубопитноста ни беше заедничка, бидејќи во деценијата која ја проведовме заедно на секакви начини се обидувавме да дознаеме што повеќе едни за други, па дури и да чувствуваме она што го чувствуваа другите, и така да го гледаме истиот универзум преку различни очи. Штета што на оваа љубопитност и требаше толку малку време да се претвори во крвопролевање какво веројатно ни двата вида не искусиле досега.

Но, да се вратам на тој прекрасен ден. Прекрасен, само поради тоа што во тој момент се случуваше. На Луѓето им беше прва средба воопшто со свесни битија од друга планета. За многумина, како што подоцна научив, е бил ден за сериозно себе-разгледување и фундаментално менување на филозофијата на животот и погледите на светот. За други пак ден од огромно духовно значење, уште еден концепт кој е на граница од нашето поимање.

За нас пак, кои никако не сме изненадени за постоење на друг живот, тоа беше денот кога конечно ќе го направиме првиот чекор кон повторно спојување со нашите древни соседи, и почеток на отплаќање на нашиот историски долг.

Од тој поглед, денот беше прекрасен за сите. Од гледиште на Луѓето, тие имаа причина да се радуваат и на убавиот ден и од климатска гледна точка. Небо без облаци и јасно сонце се универзално прифатени како симбол за среќа, нешто слично како јасната ѕвездена ноќ за нас, со таа разлика што Луѓето знаат да ја ценат и ноќта, додека малку од нас можат да го кажат тоа за денот.

Така, од наше гледиште, сонцето беше пресилно и покрај очилата кои ги носевме, иако Луѓето се потрудија што повеќе да ни го олеснат дневниот престој за време на Првиот Контакт, како што го нарекуваат настанот. Се одвиваше на нивната северна полутопка, на дел што подоцна научив дека се вика Финска, каде што поради географијата, временскиот период на нашето слетување, и наклонетоста на Земјината оска, денот траше 18 часа, што гарантираше барем 6 часа самрак, период за кој се договоривме дека најмногу ќе одговара за двете страни.

Подоцна од мојот добар пријател на Земјата научив дека имало долга расправија во Земјината Федерација околу тоа кај да слетаме, расправија со социо-политички конотации од кои едноставно боли глава. Ако се земе в предвид дека на основно ниво социјалната структура и не им е така различна од нашата, тогаш е многу чудно како нивната политика (гео-политика е нивниот термин) дошла до овој стадиум на кој што е. Само за илустрација: Земјината Федерација е составена од повеќе единки-држави, секоја со различни закони и своја власт. Таква држава на пример е веќе споменатата Финска. До сега сè е во ред, но работите стануваат комплицирани кога и државите членки внатре имаат држави членки, кои се поделени на области од кои некои и самите имаат своја власт… Огромен интерес за мене е некогаш да сфатам како сево ова функционира, бидејќи историјата на Луѓето е длабоко под влијание на толкувањето на посилните гео-политички единки. И тука силата играше клучна улога.


Морам сега да го оставам пишувањето, бидејќи дојде мојата смена. Ќе продолжам ако не ме проголта апсолутната тишина.

Comments

  1. Ти пишам и го кршам првото правило на мој Цех; ти пишам оти морам, макар што знам дека „Историјата се пренесува објективно“ и дека „не смее да биде предмет на поправките, мислењата или толкувањата на Историчарот“. Знам, така било уште од времето на оној Првиот, запишувачот на Првобитниот лов, така било по него и така е и денес. Ниту за Големата миграција, обичен мит за лаичкиот ум, не би смееле да пројавиме сомнеж. Мораме безприговорно да ја прифатиме за вистина и ни збор да не прокоментираме за неа пред другите.
    Но чинам... Ова се други времиња; чинам сум должен да го обвијам со лично мислење ова што се случува... Што се случуваше во последните десетина години. Светлината мора да продри и до тие табу, за моите кругови, теми, а мене ќе ми остане само надежта дека оваа моја дрскост некогаш ќе ми биде простена. Не смеам да дозволам ова денешново да се повтори.
    Гледам низ прозорецот од мојата кабинка, еден тесен простор, наменет за личните потреби, сместен во Дваесет и првиот Источен комплекс на нашиот „матичен брод“ – тој чуден Земски израз за Транссветлосно превозно средство. Глетката пред мене би трогнала сечија душа. Не знам збор што ќе ја опише а да не ја омаловажи – дури со сопствени очи да ја погалиш, не би поверувала во нејзината вистинитост. Илјадници прелестни слики се шират меѓу длабокосините нијанси, пред нежно да ги допрат зелено-кафените појаси, каде ноќта со својот самрак владее; а на работ од нејзиното мрачно царство, сончевите зраци ги пронижуваат тие темни бои и ги воскреснуваат во сјајни виолетови. И на крај тука е круната, тој блескав светлински венец од чиј вел изгрева верниот Земски сопатник, таа бледосина мајка што будно бдее над своето чедо, таа прекрасна Луна.
    Никогаш не би го заборавил денот кога за првпат втренчив очи во Земјата. Помислата дека пред мене лежи еден свет толку полн со живот, толку различен од оној на кој сум се навикнал, допираше до моите најдлабоки чувства и толку многу ме возбудуваше што морав да го прифатам настојчивиот предлог да влезам во медитативен транс ден пред да се спуштиме, само за да можам да ја вршам работата како што треба. Макар што и тоа беше недоволно, оти и откако излегов од трансот возбудата цврсто ме држеше, без видни пројави дека за брзо ќе ме пушти.


    Со мали стилски промени, кои, се надевам, ќе ти се допаднат. Интересно четиво. Поздрав.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Благодарам за коментарот, мило ми е што мојата приказна ти даде инспирација.

      Delete

Post a Comment

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery