Дневникот на Историчарот, 7

Два дена како немам спиено. Помеѓу бескрајните состаноци и известувања, остануваше многу малку време за одмор, во кое едноставно не можев да го најдам сонот.

Деведесет и три Кемеријани, триесет и три Семери загинати. Дополнително, педесет и шест Семери се во карантин. Семерите се покажаа многу поотпорни на радијација, веројатно поради поголемата изложеност на вселенета. Првичните пораки дека загубите се мали ми се чинат како огромно потценување на ситуацијата. Незнам каква е ситуацијата на Земјата, но Кемерија нема претрпено вакви загуби уште од земјотресот пред скоро еден век.

Пред неколку часа дознавме дека нуклеарката не била единственото оружје во нападот. Пронајдовме непријателско ВИ во нашиот компјутерски систем, кое забрзано работи на пронаоѓање начин на влез во вишите функции на нашиот брод. Нашиот софтвер, иако адекватен за тоа што е направен, е далеку од интелигенцијата на виртуелните агенти кои Луѓето ги имаат развиено. (Проклетство), нивните „андроиди“ не може ни да се разликуваат од нормален Човек. Семерите заедно со нашите математичари и информатичари работат на подигање бариери за навлегувачкото ВИ, за да го запрат некако, додека Семерите физички да го одделат централниот дел од периферниот. Така, ВИ-то нема да може да навлезе во мозокот на нашиот брод и да го оствари планот на Луѓето.

А планот беше, секако, освојување на нашиот брод. Требаше да се сетиме порано.

Проблемот лежеше во тоа дека на тој начин бродскиот компјутер всушност ќе се одсече од сите други системи освен оној за одржување живот. Семерите беа децидни дека можат да уравуваат со сите системи на бродот без бродскиот компјутер. Единствено не можеа да навигираат низ портата, поради природата на тоа патување.

Но, и онака немавме намера да заминуваме никаде. Не додека не ги евакуираме останатите од Земјата. Карам-Ел имаше план за тоа. Заедно со стратезите, по сводневни консултации, реши да испрати четири групи од по тристотини Кемеријани на позиции со најголема Кемеријанска популација. На нашето прашање како со илјада и двеста војска можеме да се спротиставиме на цела планета од осум милијарди, и како воопшто планира да нè спушти во толкав број, Карам-Ел само одговори со „оган и гравитација“.

И така беа поделени тимовите: Рејкјавик, Хелсинки, Осло, Стокхолм. Тоа беа градовите најпогодни за нас, и таму според проценките нè имаше најмногу. Планот беше најпрво од таму да се поврземе со што е можно повеќе луѓе, да заземеме позиции, и да бараме испорачување на останатите. Селекцијата на доброволците за мисиите, во одсуство на вистински војници, се вршеше според најистакнатите ловци и практикувачи на Малар-Ка. Јас сум одбран според третиот предуслов. Едноставно бев Кемеријанин со најдолг престој во Хелсинки, и со тоа оној кој најдобро го познава.

Наредните денови ќе ми поминат во обука со оружје и брифинзи за операцијата. Сево ова морам да кажам дека не ми се слуша добро. Не сум убеден дека можеме да направиме нешто против Земјината армија. Искрено, чудно ми е како воопшто нашите долу преживеале толку долгу. Можеби сме далеку подобри ловци, со повеќе и многу поостри сетила, но Луѓето се (проклето) многу досетливи и подготвени со своите направи. Да не зборувам и далеку, далеку побројни од сите Кемеријани воопшто во универзумот. Кога некој би ме прашал, би рекол дека можеби треба да го завртиме бродот и да се обидеме некако да се вратиме назад додека е време. Бидејќи ако Луѓето го завземат, не сакам ниту да помислам што ќе се случи. Не само со нас овде, во Сончевиот Систем, туку и со сите дома.

Но, ако оставиме наши во рацете на непријателот, како тоа ќе изгледа во историјата? Зарем не сме затоа и заглавени овдека, зад овој камен? Може ли да си дозволиме и таква дамка во нашата историја? Се разбира, не. Се надевам дека мудроста на Малар ќе биде доволна да излеземе од оваа ситуација.

Неможам да воспоставам контакт со Садин-Ал. Откако почна овој хаос, таа ми се јави само еднаш за да ми каже дека некое време најверојатно ќе е надвор од линиите за комуникација. Дел од и онаку малото време за одмор го искористив за да се распрашам за неа, но ми рекоа дека таа сега работи на некој проект, и дека единственото нешто што можат да ми кажат е дека е се во ред со неа и дека ќе имам можност пак да ја видам.

Доколку преживеам долу. Тоа, секако, не го кажаа. Би сакал да ја делам истата храброст со останатите од мојата група. Тие барем изгледаат храбри. Но како што реков уште на почетокот на овој мој дневник, јас не сум војник. Можеби еднаш одамна го спасив Сами од мечка во еден од нашите ловови, и тој го сметаше тој потег за многу херојски од моја страна. Но мечките се животни, предвидливи ако знаеш кај да гледаш. И знаат кога се поразени. Луѓето, од друга страна, се непредвидливи, тврдоглави, сурови... и најстрашното, секој од нив има име, личност, поврзани со него. Исто како нас.

< Шести дел
Осми дел >

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery