Нови Star Wars, Alien, X-Files, и статус на моите проекти

Одамна немам напишано текст составен од чисто-лични мислења. Периодов е полн со најави за „нови“ НФ проекти, кои имаат огромен потенцијал да потфрлат, па еве одлична шанса за мене. Ама најпрвин, кога веќе безобразно го заситив уште во насловот текстот со често-барани клучни зборови, збор-два за моите тековни проекти:

Во последно време „Дневникот на Историчарот“ е малку нередевен, делумно поради времето кое ми го одзема работата, делумно поради тоа што отиде во правец во кој неочекував дека ќе отиде. За последното сметам дека е дел од убавината на пишувањето, и само значи дека приказната си зема свој живот. И натаму знам како ќе заврши, само ми треба време да ја осмислам средината. Во секој случај, ќе има уште, и приказната ќе биде завршена.

На друг фронт, имам напишана книга со дејствие педесетина години по „...Историчарот“, која ми чучи на тврдиот диск веќе некое време и чека да ја прочитам. Што ќе правам со неа, сеуште незнам, ама пишувам во надеж дека сега штом ја најавив конечно ќе и го посветам времето кое го заслужува.

И на крај, редизајн на блогот, наскоро, бидејќи сум свесен дека е во најмала рака ужасен за навигација.

А сега, нешто сосема различно:

Star Wars: The Force Awakens

Star Wars The Force Awakens
И натаму продолжува војната против две точки.

Треба ли да спомнам колку фама се крева околу овој седми дел од најпозната трилогија на Лукас? Која сега веќе не е на Лукас туку на капиталистичкиот левијатан наречен „Дизни“?

Очекувањата од филмот се високи, иако претходните три дела се во најмала рака лоши. А овој филм има уште еден огромен хендикеп, од самиот почеток: Џ.Џ. Абрамс.

Откако го покри со фин слој екскремент целото наследство на Ѕвездени Патеки, овој модерен НФ „мајстор“ се врти кон уште една франшиза, која исто така веќе одамна заслужува да почива во мир.

Морам да кажам дека не сум фан на Војна на Ѕвездите, иако луѓето веднаш скокаат кон тој заклучок штом спомнам дека сакам НФ. Не сум ни сигурен колку ВнЅ е научна фантастика, но не е тоа тема на муабетот сега. Оригиналната трилогија, иако е вреднувана вон пропорции, сепак вреди и наследството што го оставила е неспорно. Од втората трилогија единствено паметам дека личи на глупа видео игра со куп роботи и едно дете (Revenge of the Sith го немам гледано, а не ме ни гајле, не верувам дека може да ги оправда преходните два).

Ако не може ни Џорџ Лукас да додаде нешто повеќе кон оригиналите, дали може тоа да го стори Џ.Џ. Абрамс?

Не.

Новиот Alien

Концепт арт за новиот Alien
Концепт арт за новиот Alien
Ако не голем фан на ВнЅ, се сметам за фан на Alien. И за момент се возбудив кога видов најава за 5-ка. Но само за момент. 

Нил Бломкамп (или како и да е), режисерот на Дистрикт 9 и Елисиум, е „регрутиран“ да ја продолжи сагата кај нас позната како „Осми Патник“.


Нил од некоја причина важи за модерен мајстор за НФ.  Додека Дистрикт 9 имаше барем добар почеток пред да се гмурне во кафеав амбис, Елисиум едноставно е идиотски филм, од почеток до крај. Нил и Џ.Џ. имаат всушност исти квалитети, и жал ми е што гледам дека му е дадено да се поигрува со еден драгоцен камент во жанрот.


Баш ме занима каде ќе уфрли егзо-скелет. И Јужноафрички акцент.

X-Files

Молдер и Скали
Најдобриот ТВ тандем
Reboot-от, или што и да е, на X-Files, од овие три е она што всушност најмногу го чекам. Пак, неможам а да не сум скептичен, но не гледам катастрофа како во претходните два случаја.

Всушност со возбуда чекам да видам како ќе функционира тандемот Духовни/Андерсон, сега кога двајцата се постари, поискусни, и кога појдоа во улогите во малку разидувачки правци, Духовни во Калифорникација, Андерсон во Ханибал и The Fall. Особено Андерсон, за која морам да забележам дека многу добро и стојат помрачните улоги во претходноспоменатите серии.

Она што ме малку плаши е токму староста на тандемот. Молдер/Скали е најдобро обработената врска во ТВ серии воопшто, нешто што заслужува посебен поопширен осврт. Молдер, како и всушност и самиот Духовни, во времето на X-Files освен својот шарм со себе носи и доза смотаност, наивност, несигурност. Сето тоа е акцентирано од неговата младост, и во серијата и во реалниот свет. Неговиот лик секако расне во текот на деветте сезони, но таа аура некако останува со него.

Андерсон/Скали, од друга страна, е во противтежа со Духовни/Молдер, но повторно, и таа е следена со пасија акцентирана од нејзината младост. Неможам едноставно да го видам тандемот со истата хемија сега кога се видно постари, и воопшто поискусни, како глумци.

Единствено можеби на Скинер му одговара тоа што е постар. Ликот на Скинер ми е дефинитвно омилениот од споредните, заедно со трагичниот Крајчек, и дополнително се возбудив што ќе ја репризира својата улога. Во серијата тој не им беше само шеф; тој им беше и татковска фигура, спремен во секој момент да ги прекори, но и да ги извади од тешка ситуација.

Во секој случај, ќе биде интересно да се види што ќе стане со серијата. Единствено нешто што Крис Картер всушност има утнато е непотребниот I Want To Believe, и иако и овој reboot ми изгледа малку непотребен, ако успее да го направи подобар од последниот филм, одлично.

За крај, чујте песна од албумот првенец на Духовни. (скрол кон средина)

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Скопје 2123