Дневникот на Историчарот, 6

Пилотот за кого што пишував пред некое време, оној во Стрибог леталото, денеска повторно се врати.

Во моментот кога леталото се покажа за нашите сензори, јас сум со Садин-Ал, и целата да ја наречам претстава ја следиме од мојот прозорец, заедно со целосните извештаи кои ни ги проследува бродскиот компјутер. Пилотот уште еднаш ја покажува својата исклучителна умешност, а Садин-Ал не е ништо помалку од мене воодушевена од лекоста со која се движи леталото. Садин-Ал веќе е запознаена во целост со мојот дневник, и токму нејзина беше идејата овој настан да го раскажувам во живо.

Нема сомнеж дека станува збор за истото летало; на него дури се испишани зборовите „Еве ме пак“ следено од погрден збор, напишано на уште погрд начин со наши симболи, следено од груба слика на машки полов орган, кој Луѓето љубат да го цртаат постојано, секогаш со намера да навредат. Пилотот овој пат покрај својата умешност во избегнување на нападите од одбранбените топови на нашиот брод, покажува и извонредна дрскост, изведувајќи маневри со кои навидум се закануваше дека ќе пука на нашиот брод. Секако, неможе да го стори тоа, бидејќи нашите отчитувања укажуваа на тоа дека сеуште нема вградено никакво вооружување.

Овој пат неговата намера не е очигледна. Можам да забележам дека надлетувањата му се случајни, и тоа околу дел од бродот кој е претежно незначаен. Изледа како единствената цел да му е токму перчењето.

Перчење или не, неговите движења се прекрасни. На некој начин, ме потсетуваат на балет, форма на човечка уметност, една од ретките во која можеме и ние да уживаме. Ме потсеќа на мојата првата балетска претстава, во Москва. „Лебедово Езеро“ се викаше, и беше првата која беше преработена музички за да може и ние Кемеријаните да уживаме во неа. Искуството беше незаборавно, и дури и најтврдокорните скептици за човечката култура завршија со подвиени уши.

Има некоја посебна убавина во движењата кои можат да ги направат луѓето. Покрај својата градба, како што и веќе споменав порано, не можам а да не се восхитувам на грациозноста која ја поседуваат. Ние сме секако вид кој се гордее со својата способност да забележуваме и најмали движења во мускулатурата било на нашиот плен, било на нашиот противник во Малар-Ка, било во нашите танци. Но кога зборуваме за балетот, има некоја вонземска убавина во него. Всушност, сосем нормално е да е така, бидејќи како тукушто што ме потсети Садин-Ал, навистина станува збор за вонземски суштества. Во балетот сите мускули се синхронизирани со музиката, и на некој начин како и самите да прават своја нечујна симфонија. Навистина прекрасна глетка.

Леталото, барем за нас надвор од него, не се движи синхроно со никаква музика; токму самото, односно преку пилотот, како да прави своја музика, која се чувствува на некое друго ниво. Садин-Ал во моментот се смее на мојот ненадеен наплив на емоции, но забележувам дека едноставно не можам да се воздржам вака кога си ги запишувам мислите во изворна форма, без уредување.

Но навистина не отсуствуваат емоции во претставата на пилотот. Пркос, секако, потсмевање и предизвикување, но и тага? Дефинитивно финална одлучност, проткаена со тага. И огромна доза гордост.

Веројатно во периодот кога прв пат дознав за „Лебедово Езеро“ се запознав и со терминот „лебедова песна“, кој се однесува на фактот дека лебедот, земна птица, пее само еднаш, пред неговата смрт. И сега имам некое непријатно чувство дека оваа претстава што ни ја приредува пилотот е неговата „лебедова песна“.

Алармот се огласи, морам да прекинам.

***

Уште неможам да се соземам од она што се случи. Во моментот кога прекинав со мојот пренос од случувањата, излезе информацијата дека се откриени траги од ураниум во леталото. Премногу доцна, бидејќи додека јас и Садин-Ал излегувавме да ги заземеме нашите вонредни позиции, силен удар се пренесе низ целиот брод. Бевме цел на нуклеарен напад.

Штом се откри ураниумот, веднаш престана стрелањето кон леталото. Мислевме дека тоа е блефот, дека лета блиску за да откриеме што носи, и веднаш да престанеме да пукаме и да го оставиме да си ја заврши мисијата. И бевме во право, само што му ја направивме мисијата уште поуспешна.

Леталото е мало, не може да носи значителен радиоактивен материјал. Целта беше далечен дел од бродот, претежно не населен. Загинати за имаше малку, ако воопшто може да се каже дека било која бројка загинати е мала.

Како се случи ова, зошто не можевме да спречиме? Објаснувањето е морбидно лесно. Никој не очекуваше пилотот да се жртвува. Извештаите дека леталото не располага со оружје секако беа точни, па не ни можеше да испали никакви проектили кон нас. Единствениот начин да ни наштети - да стане самото проектил.

Моето чувство дека пилотот ја пее својата лебедова песна беше точно.

Збунет сум од ваквиот бесмислен потег. Целта беше проста провокација, а во процес изгубија одличен пилот. Бесмислено.

А провокацијата им успеа. „Луѓето прочепкаа во дувлото на Камтријан“, само тоа изјави Карам-Ел пред и официјално да ги прогласи за плен. Од овој ден, секој Кемерјанин не само што е слободен да лови Луѓе, туку тоа ќе го прави во служба на Кралот и целиот Кемеро-семеријански колектив.

Секако ја подржувам одлуката, нуклеарен напад е повеќе од причина за објавување вакво нешто. Но сепак жалам што навистина моите стравови ќе се исполнат, и сето ова ќе заврши во крв. Приказната со Здрахт се повторува.

Ја немам ни утешната прегратка од Садин-Ал. Како биолог, беше повикана да помогне во санирањето на штетата од нападот. Досега се немаме сретнато со вака концентрирана доза радијација. Ми останува само да седнам да го забележам овој настан во нашата историја, односно да се повлечам во мојата должност како историчар во надеж дека така ќе најдам малку мир.

< Петти дел

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery