Дневникот на Историчарот, 5

На бродот повторно се сретнав со Садин-Ал, со која бев во врска пред да заминам за Земјата. Таа се придружи некои 2-3 години по Првиот Контакт, но освен неколку пати на кратко, воопшто ја немав видено.  Пред два дена се сретнавме во Ловиштето, и откако поминавме вечер заедно, решивме дека уште сме си добро друштво.

Садин-Ал е биолог, и за неа Земјата претставуваше безгранично игралиште. Можеше без престан да зборува за сите чуда што успеала да ги истражи. Секако, ја делев фасцинацијата за Земјата, па и допуштав непречено да навлегува во долги монолози.

Вчера беше особено расположена да зборува за размножувањето кај Луѓето, а разговорот од чисто научен набргу премина во дискусија за чудниот однос кој Луѓето го имаат према сексот.

Луѓето се апсолутно обземени со својата сексуалност. Сексот владее со нивните животи, во секој поглед. Најлесно пристапните, а најверојатно и најбројните дела, им се порнографските, односно делата во кои овој чин е пренагласен. А сепак јавното изјавување на својата сексуалност предизвикуваше во најмала рака чудни погледи, а во екстремни случаи дури и остра осуда.

Во случај ова да го чита Човек, чинот на размножување, сексуалноста, и сите поврзани работи се опфатени кај нас Кемеријаните со Малар-Ум. Текстовите покриваат сè од начини на избор на партнер до начини да се извлече најголемо задоволство од чинот. За многумина од нас повеќето од овие текстови се материјал за подбив, бидејќи одат во непотребни детали. Но, основната порака е јасна за секој Кемеријанин: уживањето во половото општење меѓу свесни битија е неотуѓиво право на оние кои го практикуваат. Ова просто правило е цврсто вкоренето во нашата култура, уште од зачетоците на истата. И затоа е и повеќе од чудно за нас што Луѓето дошле до друг заклучок.

Луѓето во својата култура имаат јасна родова поделба. Ако го спомнете ова пред група Луѓе сите ќе скокнат да изјават како во последниот век многу работи се имаат сменето, и како двата пола сега станале еднакви. Мене, набљудувач од страна, едноставно не ми изгледа така.

Како Кемеријанин тешко дека сум во позиција да одредам дали половите кај луѓето се еднакви или не. Она што Садин-Ал и јас го дискутиравме минатата вечер беа можните причини за таквата поделба.

На Кемерија постојат животни наречени саруфи, оклопници големи како Земјината мачка, исклучително добри ловци и на моменти прекумерно интелигентни и здодевни напасници. Овие суштества, како и повеќето, имаат напред отвор за земање храна, и одзади отвор за исфрлање на фекалии. Но, барем на прв поглед, не и репродуктивни органи. Затоа долго време се сметало дека се хермафродитни суштества.

Ова мислење било на сила додека не се открила вистинската функција на она што се сметало за „опашка“. Имено, женките саруфи живеат длабоко под почвата, и всушност се скоро аморфни суштества со закржлавен скелет, едвај подвижни, кои постојат само за една цел: размножување. Опашката на машките саруфи служи и за хранење, и за оплодување на женката.

Саруфите ги спомнувам овде затоа што баш нив ги спомнавме во нашиот разговор како јасен пример дека во природата има видови кај кои јасно се разликуваат мажјаците од женките, до таа мера што е проблематично воопшто да се стават во ист вид. Повеќе личат на два симбиотски вида.

Од друга страна, разликата меѓу мажјаците и женките кај Луѓето дури и површно физички е тешко забележлива. Некое време и самиот не можев да разликувам кој е што, факт кој и беше исклучително смешен на Садин-Ал.

Но и таа, иако ги забележала разликите веднаш, тврди дека биолошки нема доволна разлика меѓу двата пола. Всушност, таа вели дека ситуацијата во тој поглед е слична како и кај нас.

Оттаму уште помалку рационално е зошто би се третирале меѓу себе како посебен вид.

Заклучивме дека други фактори придонеле за ваквата поделба. За да појаснам, во поголемиот дел од човековата историја постоела јасна дистинкција помеѓу тоа што може да работи маж, а што жена. Веројатно разликата се дефинирала уште во време кога луѓето уште биле ловци. Мажјаците биле тие што ловеле, женките останувале претежно со своите деца.   Се разбира, гледам исклучиво низ наша призма, но не убеден сум дека ова одиграло важна улога во тоа како работите се одвивале понатаму. Можеби и нашата култура би се развила на истиот начин ако нашите два пола не ловеле заедно?

Исто така, концептот „религија“ е длабоко вткаен во сето ова. Но и двајцата не знаевме доволно за него да можеме да извадиме некакви заклучоци.

Интересна нус-појава од родовата поделеност е јасната поделба на улогите во сексот, кога се работи за рекреативна активност. Имено, доминира гледиштето дека единствено секс меѓу мажјак и женка, односно оној кој води кон размножување, е природен и дозволен. Сè друго е карактеризирано како „перверзија“, за што не верувам дека постои соодветен збор кај нас.

Да се навратам на серуфите, дури и кај нив е забележано дека имаат секс од задоволство, бидејќи е јасно дека мажјаците се способни сами да се прехрануваат. Кај свесните битија желбата за задоволство е уште поистакната, често и поголема од желбата за размножување. Ова е многу евидентно кај луѓето.

Но и покрај тоа што и самите се свесни за овој факт, некои човечки култури дури одат до таму што секоја перверзија ја направиле подложна на строги казни.

Сето ова е иронично кога ќе се земе во предвид дека веднаш штом стана јасно дека сме полово компатибилни, барем во поглед на репродуктивните органи, се појавија огромна група луѓе кои сакаа да имаат односи со Кемеријани. Се разбира, и кај нас имаше желни за нови авантури и оваа врска молскавично се оствари. И на двете страни имаше противници на ваквиот тип „спојување“, но како што реков, Малар-Ум е прилично јасен дека „половите односи се право на свесни битија“. Луѓето се свесни битија, ние сме свесни битија. Луѓето од друга страна, како што всушност правеа и за најнебитните прашања, се поделија на два табора, едни кои беа апсолутно против, други кои, иако можеби и самите никогаш не би се впуштиле во сексуални односи со вонземјани, беа горди што се на страна на отвореноста.

Постоеше и страв од болести, особено од СИДА која беше широко распространета на Земјата. Нашиот одбранбен систем се покажа далеку поагресивен кон овој вирус. Ова водеше  до обиди за користење на нашите антитела како лек, што за жал заврши катастрофално. Нашите два вида не се генетски компатибилни, што и не е за изненадување, па така и стравот за случајно настанување на „хибриден вид“ беше веднаш надминат.

Јас лично не ги сметав сексуално привлечни ни човековите женки, ни мажјаците. Иако не можам а да не се восхитувам на елегантната форма која им ја беше дала природата, тоа кај мене никогаш не надминува повеќе од естетска привлечност. За разлика, Садин-Ал чувствуваше сексуална привлечност и кон двата пола, и зборуваше како многу ќе ѝ недостигаат бурните ноќи помината на планетата.

Морам да кажам дека, за добро или зло, нашата отвореност према сексуалноста предизвика Луѓето да си ја преиспитаат својата затвореност. За огромен дел помислата дека човек може да има секс со нас им беше одвратна, но ги натера на чуден начин да ги преиспитаат своите ставови во врска со истополовите односи внатре нивниот вид.

Тука би престанал со моето раскажување, бидејќи Садин-Ал ми се најави дека ќе дојде.

< Четврти дел

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery