НФ серии кои мора да ги гледате, дел втори

Паралелни универзуми, FBI агенти, уште едно дело на Џин, една неправедно потценет spin-off и мапети. Ова е вториот дел од листата НФ серии што мора да ги гледате.


6. Charlie Jade


Ова е една серија која многу лесно може да биде заборавена, а никако не смее. Се работи за бисер на НФ
кој доаѓа од Јужна Африка, а е снимен 2005. Чарли Џејд е детектив кој по игра на случајност ќе се заглави во паралелен универзум на својот. Оттука почнува уникатна приказна раширена на три универзуми, со ликови кои гарантирано долго ќе ги паметите. Посебно 01 Боксер, за мене еден од најдобрите (и најдобар) некогаш осмислени ликови.

Серијата изобилува со акција, заплети политички и корпоративни, но само ова испреплетено со одлично разработената приказна и ликови не е единствената добра страна. Серијата нуди поглед во нешто што ретко го гледаме во ТВ сериите - Кејп Таун и Јужна Африка. Прекрасните кадри, генијалното користење на боите, како и контрастите на Кејп Таун ќе ве замислат што сме, што ќе бидеме, и што сме можеле да бидеме.

За жал, серијата има само 20 епизоди, и изгледа дека проектот е мртов. Но, приказната од првата и единствена сезона е завршена, и никако не смее да се пропушти.

7. X-Files

Дали треба воопшто да се зборува за X-files? Молдер и Скали се добро познати на сите, а серијата постави многу стандарди во својот жанр. Исто така, инспирираше (и сеуште инспирира) многу теории на заговор. Одличната хемија меѓу титуларните карактери заедно со добрите приказни (како индивидуалните, monster-of-the-week, така и онаа од mytharc епизодите) е win-win комбинација на Крис Картер. Барем некаде до 6-тата сезона, понатаму работите одат „јужно“, што би рекле Американците. Сепак, вреди да се изгледаат сите 202 епизоди плус филмот „Fight the future“.

За тоа колку е лош „I want to believe“ во друга прилика.

8. Andromeda


Andromeda е уште една серија која укажува дека Џин Роденбери Прерано ја напушти планетава. За разлика од останатите, Andromeda има одреден fantasy шмек. Дејствието се врти околу Дилан Хант (инаку глумен од Кевин Сорбо, попознат по неговата улога во Херкулес), бродот Андромеда кој ја има прекрасната Лекса Доиг (Lexa Doig, ако не се чита така нека ми прости) како аватар, и склепаниот екипаж составен од два човека, еден Ничеанец и еден Магог.

Меѓу ликовите постои одлична хемија, и ќе ви останат долго во памтење. Приказната почнува кога Дилан Хант, капетанот на Андромеда, е фрлен во иднина по распаѓањето на Системскиот Комонвелт. Да не раскажувам се, Комонвелтот е добар, Дилан сака да го врати. Приказната се држи добро, иако од време на време го губи фокусот, но за среќа не е носечкиот столб. Она мене што ме воодушеви е огромниот број на свежи идеи: патувањето низ вселената е на многу уникатен начин, ќе се сретнете со многу аватари (не кажувам што е работата) и уште други работи кои сепак сами ке ги откриете. Ведраните (до петтата сезона), Магог и Ничеанците се исто така добро осмислени вонземјани, акцијата е на одлично ниво, и ја има во изобилство, без да биде нападна, а освежувачки е што серијата користи одвреме-навреме и различни стилови на снимање.

Единствено лошо кај оваа серија е што пати од лоша петта сезона, како и другото постхумно дете на Џин. Можеби не е толку лоша, колку чудна и непотребно долга. Морам да напоменам дека е далеку поквалитетна од петтата на E:FC, и може да е забавна за гледање.

9. Stargate: Atlantis


Старгејт е чудо од франшиза. Одличниот филм на Емерих започна серија Stargate SG1, која започнува како ретардирана копија на Star Trek, потоа продолжува во интересна за гледање и на моменти заразна (2-5 сезона) за да подоцна си развие своја сопствена дефиниција за „лошо“, можеби и во обид да ја стигне (иако не успева) петтата сезона на E:FC.

Единствено нешто добро што излезе од овој доказ дека на ТВ може било што да трае 212 епизоди е нејзиниот spin-off, Atlantis.

Во принцип она што е Deep Space 9 за Star Trek, Atlantis е за Stargate. Сега SG тимот е фиксиран за планета (Атлантис), каде се заглавени, и поголемиот дел од настаните се одвиваат токму таму. Постојат и лути непријатели од кои морат да се одбранат, но и кои мора да ги спречат да не ја најдат земјата. Прв пат Stargate има глумци кои можат да глумат, и ликови кои не се дводимензионални (или еднодименионални, како несреќната Картер). Добар дел е и приказната, до која за жал не се држат многу, но ја има и е присутна низ целата серија.

За жал, оваа серија пати од две работи: прво, од тоталниот недостаток на фантазија и инвентивност на креаторите, што посебно се забележува пред крај. Второ, од тоа што е постојано во сенка од поуспешниот ретардиран постар брат. Вреди да се гледа, особено ако сте разочарани од SG1.

10. Farscape

Farscape колку е добра, толку е и лоша. Навистина чудно како покрај сите негативности, на моменти и многу воочливи, а сепак лесно прираснува за срце. Карактерите или се шизофренични или префорсирани да бидат такви како што сакал О'Банон, deus ex machina е искористен во секоја можна пригода, а некои случувања, особено во филмот кој ја заврши серијата (а кој потсеќа на одредена петта сезона) не вреди ни да се споменуваат.

И покрај ова, Моја, екипажот составен од отпадници на универзумот (по трет пат во оваа листа), и марионетите направени од креатерот на Мапет Шоу (да, оваа серија има механички кукли) успеваат да ја направат серијата доволно забавна за да остане во паметење. Никако не смее да се заборави и приказната, која мислам дека и овде е однапред скриптирана како што беше случај во Babylon 5, но кога би бил некој друг (на пример Страцински) на кормилото, ова серија би била навистина одлична. Вака, останува многу добра.

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery