НФ серии кои мора да ги гледате, дел први


Научната Фантастика на малите екрани знае да изненади со својот квалитет, а знае (многу почесто, за жал) и целосно да разочара, па дури и да изнервира. Ова важи за секој медиум всушност, а верувам и за секој жанр. Теодор Стурџон (Theodore Sturgeon), американски писател на НФ, во 1958 година ја поставува својата законитост, или повеќе своето откровение, кога накракто вели: „90% од научната фантастика е ѓубре, но истото така и 90% од сè е ѓубре“. Овдека се излистани достигнувањата на западната научна фантастика наменета за малите екрани, кои според мене спаѓаат во десетте проценти. Оние што се изоставени или не сум ги гледал сеуште (да, постојат и такви), или не вредат да бидат споменати.

1. Babylon 5

Babylon 5 е далеку најдоброто остварување во играните ТВ-Серии. Станува збор за првата целосно скриптирана НФ серија, дело на Џозеф Мајкл Страцински. Имено, приказната била напишана пред снимањето, па сите заплети, ликови, и помали и поголеми случки се одлично вклопени во целокупното дело. При гледањето на серијата се стекнува истото чувство како да читате книга.

Вториот адут е развивањето на ликовите, кое ретко која друга серија го прави на овој начин. Нема позитивци и негативци, сите се луѓе (тука луѓе = земјани + вонземјани) со свои маани и врлини.

Главната приказна е за вселенската станица Бабилон 5, која се наоѓа на работ на познатата вселена, и служи како за воспоставување и одржување на мирот во вселената (нешто како ОН), така и како центар за трговска и културна размена. Приказната е преплетена со разни политички, етички, меѓу-расни, но и борби внатре во самите карактери. За серијата може да се зборува многу, и тоа дефинитивно ќе биде во подоцнежните постови. За сега, гледајте ја, задолжително!

2. Star Trek: Deep Space 9

Овој серијал сериозно истапува од целата Star Trek франшиза. За прв пат (и единствен до сега), ликовите не патуваат со warp-capable вселенски брод низ пространствата на галаксијата, туку се фиксирани за бившата кардасијанска, а сега бејџорска вселенска станица Deep Space 9. Понатаму, за прв пат гледаме дека Федерацијата и не е така сјајна, туку има своја агенда. Помалку ситуацијата помеѓу Федерацијата и Бејџор изгледа на Европската Унија и Македонија. Тука се појавуваат макиите, кои се несреќните припаднаци на Демилитаризираната Зона помеѓу Федерацијата, Бејџор и Кардасија. Ова не е сè, понатаму се компликуваат работите, а компликациите доаѓаат токму од црвоточината во близина на станицата... но тука веќе ако продолжам можам да го расипам гледањето.

Значи, оваа серија прв пат става војна во центарот на случувањата на Star Trek. Понатаму, за прв пат воопшто има една целосно доброоформена приказна, како и развој на ликови, што исто така отсуствува во сите други инкарнации. Единствени проблеми можеби се околу крајот, и со контроверзиите околу „позајмувањето“ на идеи од гореспомената Бабилон 5. Но, затоа во друга пригода

3. Star Trek: The Next Generation

Ако DS9 е виновна за внесување свеж воздух во франшизата, TNG е виновна за нејзиното возобновување. Далеку подобра од оригиналот во секој поглед, TNG не само што го модернизира Star Trek, туку внесува далеку подобра глума и начин на раскажување на приказни. Растеретен од должноста да пропагира расна и полова толеранција како претходникот, TNG се фокусира на индивидуалните ликови, врските меѓу нив, како и за создавањето на најголемиот дел од митологијата на франшизата која ни е денес позната.

Повеќето епизоди успеваат во она што е целта на НФ: да ја прошири нашата имагинација, да не воведе во нов свет со нови ликови и доживувања кои никогаш инаку не би ги искусиле, и со тоа да дознаеме повеќе за себе и за луѓето и работите околу нас. Единствени проблеми се Весли Крашер и притискањето „reset“ скоро по секоја епизода.

4. Lexx

Ова една од најоригиналните, во секој поглед, НФ серии некогаш направени. Дејствието е врзано со четворица патници во живиот вселнски брод Lexx. Lexx е најсилниот брод во двата универзуми, може да уништи планета само со еден зрак, кој се емитува од комплексните сочива на предната страна, со што личи на водено коњче (или како и да се вика Dragonfly на македонски). Lexx по игра на случај е управуван од страна на Стенли Твидл, чувар од 4та (последна) класа и велепредавник. Со него се Зев, која е половина кластер-гуштер, половина љубовен роб - одметник, Каи кој е немртов убиец без емоции, последен Брунан-Џи, и роботската глава 790.

Ликовите се водени од страв, сексуална фрустрација и лакомост. Серијата изобилува со бизарни ситуации, секс ситуации (нема „апла“ сцени, по некој голотилак и тоа е тоа) и инуенда. Па сепак, серијата е далеку од обично еротско ѓубре. Низ целата серија ќе се најдете чудно вовлечени во односите (психички, не физички) меѓу ликовите, и ќе бидете изненадени всушност колку преку ниски страсти може да се навлезе длабоко во ликовите и хемијата меѓу нив. Ова е посебно забележливо во третата сезона, која е врв на овааа ремек-дело. За крај, шлаг на целата ситуација се прекрасните Ева Хаберман и Ксениа Сиберг.

Само напомена, оваа серија навистина не е за секого, а сексот е најмалку причината. Серијата нема влакна на јазикот во никој поглед, и треба навистина open mind за да се сфати најубаво. И за да може да се гледа воопшто, за многу луѓе би била и негледлива, затоа всушност е дури на 4-тото место во оваа моја листа.

5. Earth: Final Conflict

Можеби не е баш за ова место, но првата сезона од оваа подоцна упропастена серија е напросто генијална. Станува збор за помалку познатото „дете“ на Роденбери, кое е родено по смртта на својот татко. Во иднина доаѓаат Тејлонците на нашата планета, навидум пријателски вонземјани, и им помагаат на луѓето да го отстранат гладот, сиромаштијата и загадувањето. Но, не сите се уверени во добронамерноста на Тејлонците, па се формира отпорот.

Како што веќе реков, првата сезона е напросто одлична. Ако давам награди, наградата за најдобро прикажани вонземјани дефинитивно би припаднала на EFC. Тејлонците се хуманоидни само на изглед, инаку се битија од чиста енергија. Човечкиот облик им е само да изгледаат попријатно за нас, а дека не знаат како да се користат со телото станува јасно од нивните забавени покрети, како и фактот што неконтролирано ги движат рацете. баш изгледаат ко да незнаат што да прават со нив. Тука има уште многу мали керефеки кои навистина ќе ве уверат дека тејлонците доаѓаат од некоја далечна планета.

Вонземјаните не се единствената силна страна. Приказната многу интелигентно се развива, а заплетите се откриваат полека и ненасилно. Дискусиите меѓу Вилијам Бун и Да’ан и Зо’ор, а исто така и меѓу другите галавни и споредни ликови се навистина на врвно ниво, и остануваат во паметење долго време.

Серијата губи малку на квалитет во втората, и после уште малку во третата и четвртата сезона, но и понатаму е забавна, и на моменти задоволително интелигентна. Петата сезона е отелотворение на идиотизмот и претставува она што песната „Гаќице“ претставува за музиката. Ионака дејствието завршува колку-толку во четвртата, па може да се гледа без проблем до таму.

----

Тука ќе завршам до следниот пост, како поради замор, така како и поради фактот дека тешко некој ќе чита волку голем текст, а камо ли па да го зголемувам. Ако го читате ова, секоја чест, и лупнете некој коментар долу, посебно ако мислите дека не сум во право.

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery