Б98К34

Беше самрак, но, кога би можел да се сети, би увидел дека само самрак беше видел од своето раѓање на овој камен што некогаш одамна се нарекуваше Земја. Сино-зелената мајка, бисерот на Сончевиот Систем, по заслуга на своите деца, беше претворена во сиво-бела маса, покриена со слоеви од прашина, прашина која преку ден го прекриваше сонцето, а преку ноќ светеше со болна, сива флуоресцентност.

Б98К34, тоа беше сé што успеа да извади од својот живот. Дисплејчето што изгледаше дека му е наместено на шлемот пред очите само тоа му го даваше, и тој претпостави дека тоа му е дезигнацијата која ја имаше овде. Му доаѓаше и некое име, но само како ехо од некој запуштен дел од мозокот, веројатно задолжен за сета негова меморија. Левото око му засвете со зелена боја повторно, и на прозирната позадина му се испиша: “Дијагностика завршена. Сектори од 2003 до 98000 од био-неуро единицата оштетени, можна трајнa загуба на информации.” Tоа му кажуваше доволно зошто неможе да се сети што бара тука. Претпоставуваше дека био-неуро единицата беше неговиот мозок, и сфати дека нема екранче пред него, туку дека едното око му е целосно механичко. Централаната процесирачка единица веднаш му ја даде целосната спецификација на деловите вградени во него, и, БК, како што во себе почна да се нарекува, забележа дека десната хемисфера му е сајбер-неуро единица, што целата негова лева страна ја прави био-механичка. Понатаму ЦПЕ-то му кажа дека се наоѓа во лежечка состојба, и тоа на грб, што може значително да му ја намали неговата борбена припремност. Почуствува силна потреба да стане.


Рацете и нозете беа следни за дијагноза. Неговата механичка рака беше во ред, додека неговата вродена имаше мала скршеница, која ЦПЕ-то, праќајќи нано-роботи по крвотокот од вештачкиот орган поврзан со срцето директно преку главната вена и артерија, а кој што очигледно му служеше како родилиште за нови “ЕПО”, единици за поправка и одржување. Кога ЕПО-вците му стигнаа до поквареното место, почуствува силна болка и сврбеж. Поправката беше завршена за неколку секунди, но тоа беа најболните секунди од неговиот живот. Тогаш се потсети дека уште нема живот, на што ЦПЕ-то уште еднаш му одговори со целосниот список на сектори оштетени во неговиот мозок. Кога проба да ги прати наноботите да го поправат, одговорот беше претставен низ целото око со големи црвени букви, придружен со непријатен звук од неговото лево уво:

“Грешка 213: Неможно поправање на нервни клетки, ве молиме јавете се во сервисната станица на локалниот ИБМТ центар за помош”

Можеше да избира две опции, “Испрати рапорт” и “Не праќај”. Избра испрати, и беше дочекан од ново соопштение, со истиот интензитет како претходното:

“Фатална грешка: Неможност КЕ да се приклучи на глобалната мрежа.”

КЕ - комуникациска единица, си помисли БК. Можеше да се обиде повторно, ама реши да ги добие координатите првин до сервисот. Ако не меморијата, барем некој друг одговор сигурно ќе можат да му дадат.

За негова среќа, сателитот задолжен за глобално позиционирање сеуште работеше, и, по успешното поврзување со него, пред себе му се покажа карта, но овој пат неговото око правеше тридимензионална проекција од истата во воздухот. БК не мораше ова да го прави, бидејќи немаше потреба од стратешки план, поради очигледниот недостаток на луѓе околу него. Но, сепак, го направи тоа, зашто изгледаше кул како пустината кај што се наоѓаше заедно со градот во близина висеа во воздухот во компресирана форма. Неговите координати беа 42 степени источно, 21 северно, на 1 километар од град со име засегоаш изгубено во неговата меморија. Сервисот беше на 43 километри од тоа место. На тродимензионалната карта се исцрта црвена линија, која завиваше по уличките, покажувајќи ја најбрзата траекторија. Кога линијата заврши, некаде на 17-тиот километар се појави црна точка, и таму пишуваше критична точка.

БК погледа што е толку критично таму; и веднаш зажали за тоа. Пишуваше “Точка без повраток: Неможност на движење после оваа точка.” Отиде “Детали” и сега во возухот се проектираа податоци за состојбата на атмосферата околу него:

Температура: 287 Келвини
Притисок: 100.245 Килопаскали
Влажност: 43%
Радијација: Висока

Последната информација беше обоена црвено, и во главата му дојде овој пат гласовно известување: “Изложеност на радијација во големи количества, тотално паѓање на системот за 64 минути.”. Сега БК си помисли дали навистина го чу тој глас, или му доаѓаше директно од мозокот. Не дека беше многу важно; ако не се тргне од овде за 64 минути, ќе се претвори во одечки тумор. Сервисот му беше спас. Сервисот се наоѓаше на 80 минути и 34 секунди со нормална брзина. Помисли на трчање, но ЦПЕ-то веднаш му предочи дека со трчање толку долго, ќе ги потроши батериите побргу. Немаше едноставно доволно сонце за да истите постојано се полнат.

ЦПЕ-то уште бараше можен излез од ситуацијата, користејќи ги илјадниците ексабајти податоци складирани во неговата меморија, користејќи ја целата негова сила, вршејќи онолку операции во секунда колку што човечкиот мозок не можел никогаш ни да замисли. Сепак, неможеше да најде едно просто решение; да прифати пораз и да се откаже. Тоа нешто веднаш го прифати неговата биолошка хемисфера.

Таа всушност само се откажа од помислата дека ќе се излекува; за како да продолжи сеуште имаше две опции. Можеше да чека да умре на оваа место, кое изгледаше како Марс лично да се спуштил и секој милиметар да го горел со громови, полека, мачејќи ја земјата со секој удар. Втората опција му беше поинтересна. Реши да го посети градот, и да појде накај сервисот и покрај сé. Оптимизмот исто така не дојде од ладната машина која уште бесмислено бараше спас во силата на веројатноста.

Почна прво со разгледување на околината околу себе. Метафората со Марс му беше точна; околу него немаше ништо. Само слоеви од пепел, горниот сеуште во онаа позната форма. Додека газеше, пепелта се разлетуваше лесно на сите страни, сé додека повторно не и се покореше на гравитацијата. Под тој слој, се наоѓаше истиот пепел, ама сега овој беше како тврда кора, како вечна покривка која носи смрт на сè под неа. Кога се разврте, виде дека всушност сé околу него е пепел, дури карпите и планините во далечината, кои, поради маглата од истата пепел можеше да ги види само со левото око, беа покриени со фин пепел. Мајката Земја имаше доволно седа коса за БК да свати: таа умираше.

Откако изгуби 2 минути и 23 секунди во разгледување, полека пушти чекор и појде во правецот каде СГП го водеше. Немаше ништо живо околу него, немаше никаков звук. Таква радијација ништо неможеше да издржи, освен други ‘луѓе’ како него. Полека одеше по пепелта, која му го паметеше секој чекор. Можеше да ја искористи својата камера за да види што има пред него во наредните 20 километри, но не сакаше. Сакаше да се прошета, да се изненади, да се запрепасти, со еден збор, сакаше да е човек во последните моменти.

Неговиот навигационен систем беше неопходен, затоа го користеше. Маглата ја правеше видливоста со нормален поглед на 2 метри пред него. Навигацијата го беше донела до автопат. Некогашен автопат, се потсети тој, бидејќи сега единствено нешто што беше останало беа банкините и официјалниот знак за автопат. Ја прерипна банкината, и стапна на некогашниот асфалт. Со голема радост забележа дека на него има траги од автомобили; можеби со анализата на јаглеродните атоми може да заклучи кога точно поминала колата. Оптимизмот му раснеше, можеби има други луѓе, кои преживеале, и кои ќе му помогнат. ЦПЕ-то изрази готовност да ја направи анализата на состојбата на јаглеродот во правта, и анализата беше готова инстиот момент. Резултатот беше поразителен.

Според анализата, трагите беа стари 456 години, 34 дена, 2 саати и 12 минути, со грешка од 3 минути.
Тогаш повторно го чу тонот за информација. Неговото лево око му кажуваше дека информацијата за време и датум му е освежена. 688 година Нова Ера, 23 Март. Саатот му беше застанал последен пат во 232 година…

Побара во својата база на податоци што се случувало за ова време. Компјутерот немаше одговор, само трепкаше ‘Недоволно податоци’.

Си помисли дека сервисот нема поента, и тогаш засвети информација повторно, кажувајќи му дека сеуште работи насочувачкиот сигнал од таму. Насочувачкиот сигнал има потреба од рачно управување. Луѓе после четири и пол векови? Во земја одамна мртва? Тоа мораше да го види.

Имаше сега уште 57 минути. Оптимизмот му стануваше сé посилен. Одеше посигурно, следејќи ги сега трагите, а не навигацијата, се потпираше на интуицијата, на инстинктот, кои беа заробени некаде во мрежата на органските проводници, био-транзистори и молекуларни процесори. Тие беа органски, навистина, но немаа душа. Беа само маса бесконечно обновувана од наноботите. Бесконечно до сега.

Одеше по трагите, разгледувајќи наоколу. Сеуште неможеше ништо да види без помош, но маглата полека се креваше. Од лево имаше рамнина, од десно му се наоѓаше рид. По автопатот имаше остатоци од некогашно осветлување, сега стопени и извиени во надреални форми, и иронично, личеа на егзотичен дрворед, кој, уште поиронично, беше сив, како прилагоден на целата ситуација.

БК си помисли дека доколку воопшто и преживеал некој, се самоубил одкако паднал во најголемата депресија. Оваквото сивило длабоко го погодуваше, и покрај очајниот обид на машината да му ги израмни хемиските реакции. Доколку беше целосно жив, и да не беше радијацијата, одамна ќе си ја удираше главата од пепелта, или ќе си ги ископаше очите, само да не го гледа ова што го гледаше.

Одеше наредните 15 минути гледајќи се околу него, иако навистина немаше што да се види. Маглата се беше дигнала уште, сега можеше да гледа на далечина од 100 метри. Виде од левата страна осатоци од помала населба. Се изгледаше напуштено, срушено и запалено. Во далечината се предчуствуваа облините на некоја фабрика. Рафинерија, одеднаш му светна, ама не од базата на податоци, туку некаде од оштетените био-сектори.

Сеуште имаше надеж. Можеби и овде има луѓе? ЦПЕ-то му даде на знаење дека нема знаци на живот во радиус од 3 километри. Тоа го опфаќаше селото, и му велеше дека нема потреба да си троши ресурси на потрагата. Продолжи, до градот имаше уште 5 минути.

Со секој чекор што го правеше, неговиот дисплеј трепкаше упорно дека нема живот околу него. На крај, реши да го исклучи ова соопштение, кое само му ја влошуваше и онака уништената психа. Се надеваше на друго битие, иако се околу него укажуваше дека такво нешто нема веќе подолго време. Сé, освен, нормално, насочувачкиот сигнал. Тоа наеднаш му стана целта во животот.

Сега, откако ги потисна сите соопштенија освен тајмерот кој му го одбројуваше векот, одеше во тишина. Во далечината се насетуваа облините на зградите. Маглата се беше кренала, а болното сонце се искачуваше до својата највисока точка во небото. Зградите беа вистински џинови од челик и бетон. После револуцијата во градежништвото пред многу векови, зградите ги правеа три пати повисоки, пофлексибилни, и поиздржливи. На БК му текна на рекламата за материјалите за градба, која велеше “Вашата градба ќе е вечна.”. За разлика од тогаш, вистинитоста на рекламата сега беше неоспорна.

Влезе во градот. Таблата што го назначуваше влезот, беше стопена, кородирана, и деформирана и одамна нечитлива. А пред БК се отвори уште позастрашуваки поглед.

Градот, без потреба повторно да се споменува, беше сив. Испадна дека зградите воопшто не стојат исправено, туку истата сила што си играла со знакот ги вмешала своите прсти и кај нив. И тие, колку и зачудувачки да звучи, беа извртени, наведнати, па дури и стопени. Стакло одамна немаше, и прозорците зјаеја како очни дупки на мртовец од кои се гостеле гавраните. Иронично беше што човекот направил градби кои не само што го надживеале, туку и останале како гротескни споменици на неговата генијалност, глупост и ароганција.

БК беше единствен. Очајот веќе му ја зазема душата. На помислата на неговата душа, тој се замисли дали воопшто ја има, и дали му е некаде во органските молекули кои ги добил со своето раѓање, или во бескрајните био-кибернетски единици, проводници, и што ли уште, кои му беа вградени подоцна.

Очајот го натера на она што неможеше да се натера до сега. Да направи детално скенирање на просторот околу него, да бара било какви знаци на живот. Ова сериозно би му ги потрошило батериите, но која е поентата да останеш жив ако нема никој што ќе го памети твоето постоење?

Го вклучи скенерот, го игнорираше предупредувањето, и само прочита дека истото ќе биде готово за 5 минути. Ќе добие детална анализа за животот на 10 километри околу него, но ќе загуби 90% од својата енергија. Што значеше, ќе му останеше само да легне и умре.

Резултатите, како што очекуваше, беа поразителни. Не само што немаше жив човек, нити повисок организам, туку ни никаков вирус или бактерија околу него. Земјата околу него беше целосно стерилна. Тој беше единственото битие, единственото нешто што ја контаминира околината.

Тогаш сфати, тој требаше да е овде. Сфати зошто баш сега сé беше разбудил. Сфати зошто постои. Тој беше последнио сведок на конечниот продукт на човекот. Неговата мемориска единица ќе остане како временска капсула и ќе биде употреблива долго по неговата смрт. Тој беше последната шанса на човештвото да си ги увиди и на крај признае грешките.

Одеднаш сфати уште нешто; облаците кои го попречуваа сонцето не беа секаде со иста густина. Не беа ни само прав. Во нив имаше и водена пареа. И стануваа се погусти и погусти. Една капка му падна на киберетската рака. Го изгоре. Дождот беше радиоактивен, а неговото тело веќе не се регенерираше.

Реши да ја исклучи својата механика. ЦПУ-то замре, а тој веднаш изгуби баланс, бидејќи едната нога изгуби контрола. Падна и се спружи на правта. Зрачењето сега слободно му продираше низ кожата, мускулите, па дури и низ коските. Дождот се засили, но наместо да му помогне, само го зголемуваше пржењето предизвикано од радијацијата. Сепак, БК не чуствуваше бол. Чуствуваше олеснување. Дождот, иако пеколен, даваше надеж. Земјата се рестартираше. БК се препушти на своето распаѓање, и чуствуваше преродба, чуствуваше човечност во себе.

И покрај новонастанатиот мрак надвор, тој умре во светлина.


©2011, Manevski Marko

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery