Pumzi - краток филм од Кенија



Моето патување низ светската научна фантастика овој пат ме одведе на помалку неочекувано место - Кенија. Станува збор за краток филм (22 минути) напишан и режиран од Ванури Кехиу, кој бил прикажан на Санденс Фестивалот во 2010. Филмот е на англиски, а Pumzi на Свахили значи здив.



Дејствието на филмот е сместено во постапокалиптична Африка, по голема војна (најверојатно нуклеарна). Светот е претворен во безживотна пустина, а човештвото опстојува во подземни живеалишта каде водата за пиење е главен комодитет. Може да се заработи со вежбање на справи како статичен велосипед, а од тоа вежбање се добива електрична енергија, но и пот, која се собира, рециклира, и се враќа за пиење. Погодувате, урината е другиот извор на рециклирана вода.

Главната порака, секако, е „зелена“, односно дека ништо добро нема да излезе ако човекот ја уништи природата. Но и дека таа, сепак, ќе најде начин да се врати. Уште една да кажам под-тема се провлекува во приказнава, забележлива во начинот на кој карактерите зборуваат еден со друг. Сите дијалози во филмот се преку тастатура, со минимално прикажување емоции, што може да се види како коментар на режисерот за насоката во која оди нашето општество во тој поглед.

Целосно, приказната остава впечаток на недореченост, бидејќи има премногу работи кои се недоволно разработени. Можеби би било интересно да се развие во долгометражен филм, но сега за сега, ако имате 20 минути, дефинитивно вреди да се погледне ако ништо како пример дека научната фантастика живее и во Африка.

Можете да го погледнете Pumzi на Vimeo

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery