Gravity


Филмот минатата недела доби 7 оскари, што заради некои причини е реткост за научна фантастика. Со тоа конечно го заслужи моето внимание и скокна на првото место на листата филмови што треба да ги гледам.

Најпрвин, spoiler alert! Иако филмот не може посебно да се упропасти со издавање на приказната, сепак, предупредувавање.

Дејствието почнува на Хабл, каде тим астронаути дојдени со сега пензионираниот шатл Експлорер се на мисија на рутинско одржување на телескопот. Се случува несреќа, и како резултат Рајан Стоун (Сандра Булок) и Мет Ковалски (Џорџ Клуни) остануваат сами, во вечен слободен пад кон Земјата.

Што е добро во филмот? Кинематографијата, дефинитивно. Времетраењето од час и половина е исполнето со прекрасни кадри на Земјата, она што астронаутите од Јури Гагарин наваму ги влече да појдат на вакви опасни патувања. И она што не тера нас обичните смртници да трагаме по нови слики од МВС. Да не испадне дека цело време ќе зјапате во Земјата, филмот ќе ве однесе и во две вселенски станици, два модула за спасување, и на Хабл. Сите објекти се претставени доста верно. 


Ова зајдисонце е само еден од кадрите заради кои филмот вреди да се погледне.
Но вселената колку е убава, толку е и смртоносна. Во вселената сте сами. Не можете да дишете. Нема звук. Вселенските станици се технолошки врв на човештвото, но истовремено се и херметички затворени конзерви фрлени далеку над Земјата. Токму овој сплет на хорор и убавина е фокусната точка на филмот, и во овој поглед е целосно успешен. На тоа се додава добрата музичка позадина и одличните звучни ефекти, и резултат е едно единствено искуство.

Кај филмот потфрла? Во приказната, дијалозите, и, до некаде, во ликовите. Проблемот со ваквите филмови е што се работи за игран филм. Мора да постои некоја драматизација, инаку се би се претворило во снимка од камерите на МВС за време на катастрофа. Проблемот е што карактеризацијата и приказната се школски холивудски пример за нешто кое се уфрла за да го има. Не би рекол дека се досадни или лоши ликовите, едноставно се премногу шаблонизирани. Посебно ликот на Клуни. Еден од гревовите на приказната е што по којзнае кој пат Американците испаѓаат херои, а Русите се крајно невнимателни со својата опрема. За среќа, ова може лесно да се превиди и да се заборави во текот на филмот. Еден друг грев, од друга страна, е многу поголем, но за тоа повеќе во наредниот пасус. Во секој случај, приказната е далеку од лигава или клише, па не пречи на филмот премногу. 

Многу критики филмот доби за „неточна физика“. Но, повторно, се работи за игран филм, не за документарец. Сум гледал „документарци“ со повеќе неправилности. Да, не ставаат златен визор да се заштитат од радијацијата Сонцето, ама како би изгледал филмот со Сандра Булок и Џорџ Клуни ако во половина филм не можете да ги видите? Има и една сцена каде се занемарени физичките закони, но со цел да се доловат емоции, што прави занемарувањето да е прифатливо, бидејќи има ефект. И, МВС, Тјангог и Хабл се во различни орбити, но повторно, во служба на приказната, отстапката е дозволива. Gravity не е документарец.


Барем можеше да се обиде да повлече?
Еден превид нема никаква смисла и е тука само за да го исклучи Клуни од приказната и да ја остави Булок сама. Кога некаде пред половината Клуни вели дека мора да биде пуштен за да Булок има некакви шанси да се дојде до МВС. Што, секако, не е точно. Човек во бестежинска состојба, како што кажува и терминот, нема тежина. Влечење на нешто без тежина е лесно. Значи, се работи за превид само со цел да го исфрли Клуни од игра, и бидејќи има илјада разумни начини како да се изврши истото, фрла сенка на целокупниот филм. Овде не го спасува фактот дека не е документарец. Сепак е наречен Gravity.

Ако баш сакате да знаете за тоа колку е далеку Gravity од реалноста, клик овде.

За крај, би сакал да се завртам на еден друг проблем: споредување на овој (и на секој НФ филм во последно време) со Одисеја 2001. 2001:A Space Odyssey и Gravity имаат заедничко само едно: вселената. Што не е многу. Алфонсо Куарон, не е ниту Артур Кларк, ниту пак е Стенли Кјубрик. Во поглед на режисер, во овој случај ова не е минус, бидејќи има некои работи кои ги извел подобро во овој филм одколку Кјубрик во Одисеја. За проблемите со споредување на сè модерно со Одисеја во некој нареден текст.

Финална пресуда: ако сакате вселена, поглед во вселенските станици, Хабл, на Земјата од орбита, и ако сакате да почувствувате клаустрофобија и безнадежност, гледајте и уживајте. 

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery