Буш, Хусеин, ѕвездена капија


Веќе некое време сакам да се вратам на мојот блог, но некако немав некоја идеја за што би пишувал (а да не е нешто мрзливо од тип „погледнете го ова клипче“. Тогаш налетав на овој спој од теорија на заговор и Ѕвездена Капија (или ти Stargate). Сите што следат Ancient Aliens, ако веќе не се запознаени, треба да се запознаат со оваа теорија.

Во една реченица, теоријата вели: Џорџ Буш, поранешниот претседател на САД (2001-2009), не наредил напад на Ирак поради официјалната причина, односно поради поседување на „оружја за масовно уништување“, ниту, пак, поради нафтата, туку – за да не ја активираат ѕвездената капија која се наоѓа на нејзината територија.


Капијата од Ирак

Оваа ѕвездена капија ќе им послужела на вонземјаните Анунаки да се вратат на Земјата кога планетата Нибиру ќе биде најблиску до нас. На пристигнување, Анунаките би поставиле утврдувања во Ирак. Садам Хусеин, инаку реинкарнација на Набукодоносор, со нивна помош би го приготвил светот за настапување на Новиот Светски Поредок.

За среќа, ако смеам да ги земам за доказ неприсутноста на Анунаките денес и смртта на Садам Хусеин, војската на САД успеала да направи упад во Ирачкиот музеј и да ја затвори капијата на време.

Оваа теорија е започната од др.Михаел Сала, пионир во развојот на „егзополитички судии“, т.е. во политичко истражување на актерите, институциите, и процесите поврзани со вонземски живот. Неговата страна exopolitics.org содржи и други негови теории и размислувања.


Кои се Анунаки? Анунаки се група богови од митологиите на културите во Месопотамија. Она што нема да го прочитате на Wikipedia е дека тие секако, се вонземјани. Од нив Сумерите добиле многу знаење за вселената и можеби сè друго. Според овој напис, тие се одговорни за Мајанско/Ацтечкиот календар, ширењето на лагите за апокалипсата во 2012 и Y2K багот, како и за зеленото движење за спас на планетата.


Доказ дека Анунаките се вонземјани

Што се однесува до ѕвездената капија, според друг извор таа изгледа била откриена уште во дваесетите години од минатиот век, во Багдад, и околу неа се вртела војната за Ирак. Тогаш станала пожелуван плен како за Хитлер, така и за останатите сили, како Велика Британија, Русија и САД. Понатаму текстот кажува како NSA всушност прва стапнала на месечината во 1961, како пилотот Хаурд Хјуџс во 1938 година нашол портал во Внатрешната Земја некаде во артичкиот поларен круг, и како Хитлер всушност имал контакти со вонземјани и патувал преку процепи во простор-времето.

Целата теорија, со пропратни линкови, можете да ја најдете тука и тука.


Еднаш се решив да изгледам до крај една епизода од Ancient Aliens, и останав фасциниран од прифаќањето на приказните од разните митологии (вклучувајќи ја и Библијата) како факти. Тогаш си помислив како бидејќи и реинкарнацијата е вистинита, едвај чекам во наредните 2000 години да видам како целиот Sci-Fi/Fantasy lore од изминатите два и кусур века станува факт. Изгледа немало потреба да чекам.

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery