Star Trek Into Darkness

Star Trek Into Darkneess

Филмов е легендарно глуп.

Нема да пишувам за детали на овој филм кои веќе на долго и широко се расправени на многу форуми ширум Мрежата. Ќе се трудам да го гледам како засебен филм, игнорирајќи сè што знам за Star Trek. Џ.Џ. вели дека ова е ресет на франшизата, па ќе се однесувам и јас така. Предупредувам исто дека има spoilers во продолжението од текстот.

Филмот се вика Star Trek Into Darkness. Кај нас преведено, Ѕвездени Патеки во Мрак. Се гледа јасно зошто служат две точки, но да не се фаќаме за семантика. Битно, од насловот заклучуваме дека настаните се случуваа во вселената, има некое патување, и дека ќе биде многу мрачно.

Филмот од 2009 веќе ја воспостави Обединетата Федерација на Планети, па знаеме дека тоа е федерација од повеќе планети, разни цивилизации, со центар на Земјата. Исто така, станува збор за една од поголемите сили во квадрантот. Глупава споредба, но еден вид САД во вселенски рамки.

Значи, Ѕвездената Флота треба да има многу бродови, а Земјата треба да е најбезбедната планета, бидејќи тука е нивното седиште. Тоа е логично. Во филмот, Ѕвездената Флота е составена од три брода, од кои едниот е таен, другиот се споменува само во диалог. Третиот, секако, е Ентерпрајз.

Нибиру?? Озбилно??

Ентерпрајз, кој за да се скрие од племе кое „едвај го измислило тркалото“ мора да биде потопен во море, или што и да е. Но тоа е друга приказна. Пострашна е другата идиотска мисија, која е клучна за приказната.

Значи, адмиралот Немупамтам Име (Робокап :)), го праќа капетанот Кирк во мисија да го убие лошиот Кан, кој претходно ги уби повеќето капетани на ЅФ во напад кој би можел лесно да се спречи, но „обезбедување“ е непознат концепт во иднината. Кирк, инаку цивилен капетан (Федерацијата нема воени бродови, што го прави Ентерпрајз цивилен), нема проблем со тоа да биде егзекуционер на човек кој не поминал ни судење. Подоцна ќе се премисли, но тогаш нема да е важно.

Клингонци
Новите Клингонци

Самата мисија за користење цивилен капетан во убиство на терорист е фрлена во сенка од начинот на кој адмиралот предлага таа да се изврши. Имено, Кан магично (за тоа потоа) избега на Кронос, матичната планета на страшните воинствени Клингонци. Конфликтите помеѓу Федерацијата и Клингонците зачестуваат, па Робокап смета дека е време да почне војна. Со тоа што Ентерпрајз, наоружан со фотонски торпеда, ќе го испрати во Неутралната Зона да пука од таму на Кронос, и ем ќе го убие Кан, ем војна. Браво.

Реков дека нема да се повикувам на канонот на Star Trek, очигледно не важи овде, но ќе се повикам на здрав разум. Не верувам дека Клингонците би ја поставиле Неутралната Зона толку блиску до Кронос, да може секоја будала да пука од таму кон центарот на Клингонската Империја. Значи, или торпедата би патувале со години до целта, што веројатно би било најбавното бомбардирање во историјата на вселената, или торпедата имаат Ворп погон. Но во тој случај, зошто не пукаат од Земјата?

Капетан Кирк. Ништо паметно не направи целиот филм.

Но, и онака, Клингонците не делуват како некој противник. Во целиот филм, не се појави ниту еден клингонски вселенски брод, освен оние смешните кои можеа да се соборат со пушка. Кронос нема никаков одбранбен систем. Со Федерациски шатл можеш без проблеми да долеташ од Неутралната Зона до Кронос, без никој да те забележи.

Не се само Клингонците стратешки ретардирани. И Земјаните исто така немаат никаква одбрана против вселенски брод кој пропаѓа во атмосферата на директен пат да го уништи Сан Франциско, градот кај се наоѓа седиштето на Федерацијата.

Benedict Cumberbatch, Star Trek Into Darkness
Кан. Негативец.

Ова е дел од поголем проблем, проблем со режија. Ѕвездени Патеки е вселенска опера, жанр каде дејствието зафаќа вселенски рамки, со големи залози. Во овој филм, вселената е доста мала. За еден ден, според една реченица на Скоти, Ентерпрајз отиде на Кронос, Кирк се сретна со Кан, Скоти откри скриен брод на Јупитер, скриениот брод го најде Ентерпајз, се пукаа, и заедно паднаа на Земјата. Всушност тоа е опис на целиот филм. За еден ден, се случи сето тоа. Алфа Квадрантот е изгледа  многу мало место, можеби затоа има само три брода во него.

Сè, буквално сè, во филмот е таму само за да го има. Има полно ликови, но освен Кирк и Спок, никој нема улога, или улогата му е сосема несоодветна. Докторот не е доктор, туку експерт за експлозиви способен само на говор во метафори. Сулу просечно се заканува, во една сцена. Ухура е девојка на Спок. Чехов е Русин со акцент. Ќерката на адмиралот изгледа добро во бикини. Скоти, незнам што е Скоти. Има дури шест главни ликови кои немаат никаква улога.

Alice Eve, Star Trek Into Darkness
Клучниот лик и момент во филмот

Кирк е најнеспособниот капетан во историјата на капетаните. Спок е единствениот (полу)вонземјанин кој има нешто паметно да каже. И тој е искористен само како fact dispenser. Кан воопшто не е разработен, ни приближно.

Би можел уште да зборувам, за ужасните дијалози, за лошата физика, за иритантниот lens flare, за звучниот ефект кој го претвора вселенскиот брод во Формула 1, начинот на кој се напредува во рангот и на кој се распределуваат одговорностите... но веќе многу имам напишано. Би додал само уште нешто, за иднината на оваа франшиза.

Џ.Џ. Абрамс и дружината со овој филм буквално закопаа секоја можност за некое продолжение што ќе има смисла во поглед на приказната. Прво, магичното пристигање на Кан на Кронос беше постигнато со трансворп телепортер. Очигледно, со овој уред може да се пристигне било каде во вселената, веднаш. Нема потреба од всленски бродови.

Второ, магичната крв на Кан лечи сè, дури и воскреснува. Никој веќе нема да умре, сè што терба да се направи е да се реплицира крвта на Кан и да се вбризга во пациенот.

Трето, проблемот со фотонските торпеда. Ако можат да се лансираат од било каде, војната меѓу две цивилизации би се одвивала од планета кон планета, без бродови. Постоењето на трансворп телепортер би ја направил војната уште побесмислена, бидејќи сè што треба Федерацијата да направи е да ги телепортира боевите глави на Кронос, и, БУМ. Крај на приказната. Така можеше всушност и овој филм да заврши, но нема никој способен во ЅФ.

Четврто, комуникаторите имаат неограничен домет. Полно работи и во овој филм можеа да се решат со повик на вистинско место.

Ова е класичен пример како не треба да изгледа еден НФ филм. И покрај тоа, има силни оцени насекаде. Ова стварно не ми е јасно. Единствено нешто вредно се специјалните ефекти.

П.С. Зошто Into Darkness?

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery