Sense8, помеѓу Matrix и Babylon 5

Еве ме пак, по подолго време, овој пат со качен левел и со стекната титула пред името. Моето одсуство од Интернетите се должеше на секогаш-гладниот-за-туѓо-слободно-време Факултет, но откако сега сѐ се заврши во најдобар ред, се надевам дека ќе имам и повеќе време да обратам на моите 5 верни читачи.

Доста вовед. Она што посебно ме израдува и што ќе го очекувам во наредниот период е враќањето на мајсторот Страцински на ТВ екраните, и тоа во заеднички проект со Енди и Лана Вашовски. Некогашните браќа Вашовски (сега се брат и сестра) се сигурно најпознати по Matrix трилогијата, која смени многу работи како во НФ така и воопшто во филмовите. Друг филм по кој се познати е V for Vendetta. Од друга страна magnum opus на Страцински е Babylon 5, најдобрата НФ серија која ја виделе телевизиските екрани, било кога.

  
Енди и Лана Вашовски (лево), Џозеф Мајкл Страцински (десно)

Она што го издвојува Babylon 5 е кохезична приказна, без ниту едно посегнување по reset копчето толку многу користено од страна на безброј други серии. Понатаму, ликовите се „живи“, со свои маани и доблести, сите настани секогаш се случуваат со причина и имаат често брутални последици. Сѐ работи за серија која не ве штеди, и не се труди претерано да ве улулкува со ветувањето дека „сѐ ќе биде во ред“. Можам да зборувам до утре, но пак џабе ако не гледате сами.

Од друга страна, Matrix трилогијата е малку посвежа во колективното памтење, и горе-доле верувам сите сте запознаени за револуцијата што ја предизвика на филмското платно, и пошироко. Донесе некој блиску до совршен спој помеѓу акција, филозофија и добро развиена приказна. Овде претежно зборувам за првиот филм, на продолженијата им фали многу од духот на оригиналот. V for Vendetta од друга страна предизвика една друга револуција, и иако можеби несоодветно, стана симбол на едно ново движење.

Long story short, станува збор за луѓе кои многу имаат придонесено во жанрот, и воопшто се инспирација за многу дела и надвор од телевизиските екрани. Оттука, природно е и многу да се очекува од Sense8. Она што посебно ме радува во целата приказна е што серијата е одкупена од Netflix, односно нема (се надевам) да биде водена од замислите на продуцентите и шефовите на ниту една од големите телевизиски куќи во Северна Америка. Имено, како следач на Страцински и неговото дело добро сум запознаен со фрустрациите кои овој човек ги има од постојаните ограничувања наметнувани од телевизиските куќи, а кои кулминираа веројатно со прекинувањето на Crusade, несудениот spin-off на Babylon 5, како и Jeremiah, која беше прекината по 2 сезони. Оттогаш Страцински стои понастрана од НФ на телевизија, се фокусира стриктно на пишувања сценарија за филмови за големото платно (најпознат пример е Changeling на режисерот Клинт Иствуд), како и на стриповите (како писател во Superman, Spider-Man и Fantastic Four).

Matrix 5?

Освен дека дефинитивно станува збор за НФ серија, сѐ друго поврзано за Sense8 се шпекулации. Од насловот можеби може да се заклучи дека дејствието ќе се врти околу луќе со натприродни моќи (со осмо сетило?). Страната на IMDB вели за приказната дека „група луѓе ширум светот наеднаш се поврзани ментално, и мора да најдат начин да праживеат додека се ловени од оние што ги гледаат како закана на светскиот поредок“. Нешто слично Страцински веќе има пишувано со неговиот стрип Rising Stars.  Во секој случај, Netflix ги има нарачано првите 10 епизоди, само ќе треба да почекаме 2014 до премиерата... до тогаш, ќе гледам да ископам уште нешто.

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery