Sleep Dealer

Sleep Dealer (2008) on IMDb

Од анонимниот Алекс Ривера доаѓа ова дело кое сосема ги надмина моите очекувања.

Sleep Dealer - poster

Приказната е сместена Мексико, во не-толку далечна иднина, во која водата е комодитет кој го контролираат големи компани. Луѓето мора да заработуваат за вода, а работата во странство (гастербајтерството, ако сакате) е во форма на далечинско управување на роботи. Но, со ред.

Мемо Круз е млад wannabe-хакер од мексичкото село (читај забит) Санта Ана Дел Рио. Реката која се состои во името на селото е заградена од страна на приватната компанија Дел Рио. По интересен сплет на настани, Мемо ќе биде принуден да оди на работа во Тихуана, и всушност да го оствари својот сон да добие „нодови“, односно конектори, со кои ќе може да се вклучи во мрежата и да работи во Америка.

Директното поврзување на нервниот систем со компјутерската мрежа во универзумот во филмот ѝ дава малку сајбер-панк зачин на приказната. Конекцијата е сосема инванзивна, како што доликува на технофобичниот подтекст. „Нодовите“ се на неколку места низ телото, се поставуваат леќи на очите за да се пренесе сликата од другата страна, дури работникот мора да носи и маска за кислород за да не заспие на работата. Вака прикачени, луѓето работи во фабриките наречени „Sleep Dealers“.

Веќе се насетува главната порака што филмот сака да ни ја пренесе. Дилери на сон, како би гласел преводот, се баш тоа, дилери на сон. Денес Мексиканците ја преминуваат нивната северна граница во потрага по Американскиот Сон. Во иднината од филмот не мора да ја поминат границата – сѐ што треба да направат е да се приклучат во машината и таму се, вработени како таксисти, градежници, бебиситери...

И тука станува јасна алузијата на имигрантите од реалниот живот. Но не само тоа. Филмот го доловува стравот на Мексиканците од растечкиот изолационизам на нивниот северен сосед, и паралелниот развој на корпорациската зависност. Во универзумот на филмот таа зависност е дојдена до крајност; не само што корпорациите владеат со реките и водата за пиење, туку и имаат carte blanche за употреба на воени дронови врз оние што ги сметаат за акватерористи.

Освен оваа централна тема, фино проткаена во приказната е и романтичната под-приказна, која сама по себе има нешто да каже на темата на приватност во модерните комуникации, и, се разбира, улогата на капитализмот во оваа сфера.

Од технички аспект, филмот е солиден. Можеби специјалните ефекти се на ниво од крајот на 90-тите, но тоа дури и додава на целокупното искуство, бидејќи филмот делува и по тон на филм од тој период. Единствена замерка што ја имам е помалку наивниот крај.

Заклучок: Дефинитивно го препорачувам на секој фан на НФ, но и за други, посебно за оние кои на НФ гледаат само од призмата на Холивуд, и затоа ги избегнуваат, бидејќи овој филм прикажува како жанрот е всушност идеален за обработка на модерни социо-политички теми.


Овој пост ми е прв во серијата која, во одсуство на подобро име, ќе го именувам „Светска Научна Фантастика“

Идејата ми е да го прошетам (за почеток преку филмови) светот, и да видам што нуди оној дел што не е Америка. Правилата се прости, секоја недела-две гледам по еден филм од различен континент и споделувам искуства.

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery