I WANT TO BELIEVE

Во 1993 американската телевизиска мрежа „Фокс“ ќе почне да емитува ТВ серија која ќе изроди 202 епизоди, 2 филма, многу книжевни дела, стрипови, и уште две поврзани ТВ серии. До ден денес ќе го задржи својот култен статус, но и повеќе од тоа, ќе го смени начинот на кој обичниот човек гледа на случувањата во светот.

Се разбира, станува збор за „X Files“. Далеку од тоа дека серијата ги започнала теориите на заговор, или ги направила попопуларни. Вакваите теории постојат уште од многу поодамна, веројатно уште од првиот пат кога некој се посомневал во работата на оној над него. Човечка природа е да се сомневаме во добронамерноста на оние што владеат со нас.

Она за што „X Files“ е „виновна“ е доприносот за овие теории да излезат од подрум. Одеднаш, оној што покажува со прст кон авторитетите и ги нарекува лажговци не е некој неугледен тинејџер/студент/хипик/отпадник од општество, туку агент на ФБИ кој воопшто не е непријатен за гледање, придружен од еднакво шармантна, иако поприземна колешка. Заедно, тие одеднаш се наоѓаат во ситуации во кои мора да преиспитуваат сѐ што дотогаш го сфаќале како догма. 

Сосема природно е и ние обичните луѓе кои дома залепени пред телевизорот/компјутерот и ги следиме авантурите на дуото, неретко и по неколку епизоди дневно, да се замислиме за тоа што навистина се случува околу нас. Зошто постојат скриени воени бази? Зошто толку многу НЛО-а да се наречени метереолошки балони? Што ако навистина владите се во пакт со вонземјани?

Сето ова е одлично. Секое прашање е потикнато од размислување, а размислување е секогаш позитивно. Има многу случаи низ историјата кога рајата е била предадена од владеачката структура, и тоа скоро секогаш за не многу благородни цели. Нема потреба да набројувам, сите знаеме по еден пример. Скептичноста и постојаното поставување прашања е здрава работа.

Но, како и сите здрави работи, здрави се само ако не се претера. Убавината на „X Files“ е во тоа што (барем во првите 5 сеозни, потоа ни на Крис Картер не му е јасно што прави) никогаш не ни e јасно што точно се случува. Молдер секогаш има некоја вонземска или барем нестандардна теорија, а Скали е секогаш прагматична. Заедно, се балансираат еден друг. 

Поентата е дека мора да постои баланс. Еве глуп пример: се враќате од одмор и гледате дека ви паднало дрво врз куќата. Комшијата ви вели дека видел чудни светла како се приближуваат кон дрвото, слушнал удар, и потоа светлата си заминале. Молдер би прашал како изгледало леталото. Скали дали имало бура таа вечер.

Не е Молдер идиот, далеку од тоа. Работата е колку силно сака да верува. Работата е што од силната желба да дојде до доказ за постоење на вонземјани на Земја, несвесно ги занемарува сите други показатели, и заборава да ги постави најочигледните прашања. Затоа и му е потребна Скали. Денес живееме во време во кое теориите на заговор се секојдневие, и се постојано тема на разговор. Сѐ е заговор: нападот на кулите близначки, слетувањето на Месечината, календарот на Маите, ЦЕРН, ХААРП... И сѐ е некако случајно поврзано со западниот свет. Пак ќе кажам, здраво е и треба да се поставуваат прашања. Но, што ако сме заслепени од желбата Американците и Западаот да се големи негативци?

Проблемот е што во нашиот случај не постои баланс. Што и ако некој се обиде да каже дека едноставно имало бура вечерта, истиот ќе биде исмеан и покажуван со прст како некој со испран мозок. Но кој на кого всушност пере мозок?

Истата телевизија Фокс некоја година подоцна прави документарец во кој ја разоткрива „вистината за слетувањето на Месечината“. Наратор на шоуто е никој друг туку Мич Пилеџи, човекот кој го глуми шефот на Молдер и Скали, Одеднаш, овој човек не убедува, преку факти кои можат да се побијат со читање на книга физика за основно образование, дека владата на САД и НАСА лажеле за слетувањето на Аполо на Месечината. Целиот свет го правеле будала. Најстрашното е токму што ако теоријата е точна, целиот свет тогаш бил будала.

Фокс и пред и после ќе остане една од најозлогласените теливизии во Америка во поглед на искривувањето на фактите. Сѐ е дозволено за да се зголеми гледаноста, па и плукање по луѓе кои се посветиле на наука, и кои ризикувале живот да може човештвото да се пофали дека стапнало на некое небеско тело. И кога фијаското околу Месечината би било единствено, сѐ би било одлично. ЦЕРН беше накратко прогласен за упориште на луди научнци кои прават црни дупки кои ќе го проголтат светот. Сега ХААРП, системот на антени направени за проучување на јоносферата се на удар, створале земјотреси и поплави. Утре можеби Меѓународната Вселенска Станица ќе биде прогласена за место од каде што лудите Американци спремаат ласерски топ кој ќе го уништи Блискиот Исток.

Да се вратам на „X Files“. Оние кои што вниматело следеле, сигурно забележале дека (пак, во првите пет сеозни) Молдер всушност намерно беше упатуван да мисли оти вонземјаните се спремаат да ја освојат земјата, за да не дојде до вистината. Така, додека ние се занимаваме со изјави на „некои научници“, кои ако постојат најчесто немаат завршено ни чесен факултет, во светот се случуваат многу пострашни и пообични работи на кои треба да се обрне внимание. Додека сме замајувани од idiot box-от со пророштва за крајот на светот, за злобни антени, акцелератори, за небулози околу лажирање слетувања на небески тела (вклучувајќи последната глупост дека Кјуриозити е всупност во Аризона), во светот големите не предаваат на многу побанални начини: бесмислени војни, економски малверзации...

 Но, можеби отидов од темата. Да се вратам на дуото Молдер-Скали. Во целата приказна околу теориите на заговор, работа е што некои навистина допираат до вистината, но огромен дел е само огромен, неверојатен куп глупости, да не се изразам различно. Најстрашното од сѐ е што е потребно 15-20 минути гуглање за да се уверите во тоа. Телевизијата, а и другите медиуми, одамна ја знаат формулата за успех: интрига, завера, експлозии, убиства, секс, и нивни комбинации, тоа е она што се продава.

 Кога би постоело вистинско истражувачко новинарство, на пример за ХААРП, би требало да бидат прашани научниците што работат таму, да се консултираат експерти во полето кај нас, да се собере доволно знаење за поимите „антена“, „радио бранови“, „јоносфера“... и сето заедно внимателно и паметно да се одработи за да се добие целосната слика, која ќе се претопи во квалитетна сторија. Она што го прават денеска медиумите (со чесни исклучоци) е токму спротивното, и е еднакво на она што е фаст фудот за кулинарствто.

Затоа, кога ќе прочитате во дневен весник за некоја технологија која сигурно е направена да го уништи светот, или за тоа како вонземјаните прават журки на Марс, или за некоја планета/астеоид која Лошиот Запад ја крие од нас, пуштете ја Скали да ви се јави во мозокот, да праша „дали имаше бура синоќа“, и впуштете се во потрага по факти на интернет (или во библиотека), но овој пат барајте некој вистински извор. Поставувајте прашања, најстрашното што може да се случи е да научите нешто.

И понатаму велете „I want to believe“, но не дозволувајте вашата желба и верба да ја искористуваат против вас.

Comments

Popular posts from this blog

Krystabald and the Great Old One

The missing inspiration

Just a simple mail delivery